Министерството за одбрана на РФ планира до крајот на тековната година да склучи со военоиндустрискиот сектор крупни договори за производство на беспилотни летала и роботи. Ова во понеделникот го соопшти министерот за одбрана на Русија Сергеј Шојгу.
„Ако прашувате што ме зачуди, па дури и многу израдува, тоа е фактот дека оваа година остваривме толку голем напредок во сферата на беспилотната авијација и роботиката. За тоа се зборуваше многу и уште се зборува. Но, сега ситуацијата е таква што веќе кон крајот на годинава ќе потпишуваме крупни договори за испорака на големи серии <...> Имаме голем арсенал беспилотна авијација, околу две илјади различни системи“, рече Шојгу во понеделникот во емисија на телевизија „Ѕвезда“ одговорајќи на прашањето кои се најзначајните новитети на Меѓународниот военотехнички форум „Армија 2020“.
Притоа тој истакна дека се работи за системи од следната генерација, направени со примена на „целосно нови технологии“.
Министерот исто така укажа на импозантните резултати на руската воена индустрија во сферата на роботиката. „Сега се направени роботи кои фактички вршат функција на борец, само што не се толку ранливи <...> Видов роботи што се монтираат на тешка техника, роботи што се занимаваат со деминирање. Тоа веќе не се нешта слични на играчки од продавница, тоа е она што денес претставува сериозна опасност, тоа е сериозно оружје“, рече Шојгу.
Тој нагласи дека тие роботи „фактички имаат невронски мрежи за управување и елементи на вештачка интелигенција“. Министерот исто така укажа на производите кои воената индустрија ги прави за цивилна употреба и кои се користат во медицината, градежништвото, инженеријата и другите првенствено цивилни сфери.
„Јас не можам да ги опишам сите 28000 разни модели претставени на форумот. Ако од тоа е само 10% најсовремена и најнова техника, која допрва се воведува, тогаш тоа повторно се 2800 модели. Предолго би траело да се опише сето тоа, најдобро е да се отиде и да се погледне“, истакна Шојгу.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче