Миникопии на авионот Су-57

Наука и технологија
ИГОР РОЗИН
Овие „птички“ со конструкција „летачко крило“ од петтата генерација се речиси непобедливи во воздухот.

Рускиот ловечки авион од петтата генерација Су-57 (тука можете да дознаете сè за овој најмодерен авион) содржи низа технологии по кои се вбројува меѓу најдобрите ловци на светот како што се американскиот F-22 Raptor или кинескиот Chengdu J-20.

Тука ќе стане збор за „изгледот“ на авионот Су-57 што го прави невидлив за сите современи радари, а исто така и за неговите „помлади браќа“, односно дроновите што ја содржат истата технологија како и Су-57.

Конструкцијата „летачко крило“

Еден од најголемите предизвици за време на конструирање на ловците од петтата генерација, генерално беше трагањето по соодветен начин за нивно маскирање и криење од современите системи за ПВО.

За да се постигне тоа на авионот Су-57, инженерите мораа да го преместат комплетното вооружување (водените и неводените ракети, а исто така и бомбите) во внатрешноста на авионот, и во таа конструкција да користат најнови и најскапи композитни материјали.

Овие задачи се исклучително тешки поради оптоварувањето на кое е изложен ловечкиот авион кој лета со максимална брзина и маневрирањето кое мора да го врши за време на воздушната борба.

Сепак, руските инженери ја постигнаа поставената цел и подоцна оваа технологија ја прилагодија на дроновите, „помладите браќа“ на авионот Су-57.

Беспилотно летало „Охотник“ („Ловец“)

Овој дрон е тежок 20 тони, развива надзвучна брзина (1.000 километри на час) и е едно од првите летала со компјутер кој работи наместо оператор, со исклучок на одлуката за примена на оружје.

„Охотник“ ги презеде поголемиот број од технологиите на авионот Су-57, како и неговата муниција, иако може да носи и помало вооружување.

Кога станува збор за арсеналот, дронот користи гравитациски бомби, како и „паметни“ бомби и ракети „воздух-земја“. Сето тоа е скриено во трупот на леталото за дронот да може да биде невидлив за непријателските радари.

Меѓу другото, тој носи фугасно-распрснувачка запалива авионска бомба ОФЗАБ-500 и термобарична авионска бомба ОДАБ-500ПМВ. Обете се користени во текот на воената кампања во Сирија.

„Охотник“ се тестира од почетокот на 2020 година, а во арсеналот на руската армија ќе се појави за неколку години.

Овој дрон спаѓа во класата „тешки“ беспилотни летала. Руската армија има и лесен дрон кој се вика „Елерон“.

Елерон

Ова е едно од најмалите беспилотни летала што го користи руската армија.

Тешко е само 3.400 грама, а распонот на крилата изнесува 1.5 метри. Со помош на група електрични пропелери може да развие брзина од над 100 километри на час и да лета 75 минути. Секој ваков дрон може да функционира кога е оддалечен 50 километри од операторот (и притоа да пренесува видеосигнал).

„Елерон“ не е конструиран да носи оружје и муниција, ами да врши набљудување од воздух во урбани зони и зони кои се зафатени со војна на дневна светлина и во темнина.

Денес руската армија и полицијата ги користат сите варијации на дронови од семејството „Елерон“.