Како што во интервју за медиумите изјави генералниот директор на АД „Ричаг“ Алексеј Панин, во план е да се интегрира на модернизираниот хеликоптер комплекс за индивидуална заштита од „најсовремените ПВО-системи“, кој ќе овозможи радиотехничко извидување и радиоелектронско попречување на непријателот, пренесува веб-порталот РГ.
Модернизираниот борбено-транспортен хеликоптер Ми-24 ќе добие и „стаклена кабина“, што ќе му овозможи на пилотот да управува со леталото во сите временски услови. Како што соопштува РИА „Новости“, опремувањето на хеликоптерот Ми-24 со современа радиоелектронска опрема и вооружување ќе овозможи зголемување на борбената ефикасност што ќе го изедначи со леталата од последната генерација.
Фабричките тестирања ќе започнат во декември оваа година, а по нивното завршување почнуваат и комплексните државни тестирања кои ќе траат во текот на целата наредна година. Новиот хеликоптер е првенствено наменет за извоз. Процените се дека во странство во оперативна употреба се наоѓаат преку 200 хеликоптери од овој тип.
Првиот хеликоптер Ми-24П-1М со нова радиоелектронска опрема беше покажан на меѓународниот авиокосмички саем МАКС-2019. Благодарение на современата електронска опрема тежината на хеликоптерот е намалена за респектабилни 430 кг, што му овозможува дополнително да закачи убојни средства како и дополнителен простор за превоз на товар.
Борбено-транспортниот хеликоптер Ми-24П е наменет за извршување широк спектар задачи од кои најважните се борба против непријателска оклопна техника и огнена поддршка на единиците копнената војска. Една од најважните способности на најновата модификација на Ми-24П-1М е можноста за транспорт на десантна пешадија со комплетното вооружување, потоа брзо извлекување и транспорт на ранети војници, како и дополнителен товар во кабината, но и на неговите надворешни носачи.
На модернизираната варијанта на хеликоптерот Ми-24П е интегриран современ унифициран пилотажен напаѓачко-навигациски комплекс, оптоелектронски систем за детекција и нишанење, опциски радар со АФАР (активна фазирана антенска решетка), современ систем за автопилот, електронски систем за заштита, како и нов систем за снабдување со електрична енергија. Од „Ростех“ нагласија дека Ми-24П-1М е резултат на заедничката работа на холдингот „Хеликоптери на Русија“ и концернот КРЭТ, кои се наоѓаат во состав на државната корпорација.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче