Руски експерт: дали ласерскиот комплекс „Пересвет“ може да ги онеспособи непријателските сателити?

marsonline
Еден од водечките руски експерти во областа на вооружувањето и воената техника Виктор Мураховски, го коментираше текстот на американскиот портал The Space Review посветен на рускиот ласерски комплекс „Пересвет“.

Нема никаква дилема дека главната функција на новиот ласерски комплекс „Пересвет“ ќе биде привремено „заслепување“ на непријателските уреди кои летаат во Земјината орбита, а кои се опремени со современа оптичка и навигациска опрема. Во наредната фаза на развојот на овој комплекс руската воена индустрија може да создаде оружје кое ќе им нанесе непоправлива/трајна штета на овие средства, изјави за РИА „Новости“  членот на експертскиот тим при колегиумот на рускиот воено-индустриски комплекс Виктор Мураховски.

„Руски мобилен ласерски систем за заслепување на непријателските сателити“ - вака го коментира овој експерт новото оружје кое од неодамна се наоѓа во редовите на руската армија. Имено, пред извесно време американскиот интернет портал The Space Review посвети еден текст на рускиот ласерски комплекс „Пересвет“, во кој наведе дека основната функција на овој систем ќе биде „заслепување“ на сателитите во орбитата.

Притоа треба да се разликуваат термините „заслепување“ и „ослепување“. Кога зборуваме за „заслепување“, мислиме на привремена опструкција на оптоелектронските и навигациските уреди на сателитите при контакт со ласерскиот зрак генериран од „Пересвет“. Терминот „ослепување“ е поврзан со трајни оштетувања на опремата на сателитите кои се резултат на дејството на ласерскиот зрак.

„Нема никакво сомнение дека една од основните задачи на ласерскиот комплекс „Пересвет“ е попречување на сателитите на потенцијалниот непријател. Ласерски комплекс со ваква сила може привремено да ги исфрли од строј навигациските системи што се наоѓаат во вселената. Претпоставката е дека наредната верзија на овој систем ќе има такви способности за испуштање ласерски сноп кој во целост ќе може да го исфрли од строј непријателскиот сателит“, наведува Мураховски.

Експертот објасни дека под терминот „заслепување“ се подразбира пречекорување на прагот на чувствителност на оптоелектронската апаратура на сателитите. Тој додава дека за трајно „ослепување“ на еден сателит е потребно да се предизвикаат физички оштетувања на оваа апаратура, за што е потребен помоќен ласер.

Соговорникот на медиумската куќа РИА „Новости“ додаде дека системите чија основна задача е да ги попречуваат непријателските сателити се појавиле во вооружување уште во советско време. Така, на пример, противтенковскиот дивизион на Вооружените сили на СССР имаше во своето вооружување ласерски комплекс монтиран на шасија на борбено возило на пешадијата (мод. БМП-1С).

Според воениот експерт Виктор Мураховски, ласерскиот систем „Пересвет“ претставува аналоген комплекс на класата орудија од новата генерација, кои имаат унапредени тактичко-технички карактеристики кои му овозможуваат далеку пошироки можности.

Советското искуство како темел за развој на нова генерација руски ласери

Во Советскиот Сојуз е направен експериментален модел на ласерски тенк 1К17 „Сжатие“ кој ја користеше платформата на самоодната хаубица „Мста-С“. Возилото беше опремено со повеќеканален ласер кој се состоеше од кристален синтетички рубин во вид на цилиндар, чија тежина достигнуваше 30 килограми. Околу овој рубин беа интегрирани ксенонски гасни ламби кои го осветлуваа кристалот.

Низ овој цилиндричен рубин се проектираше ласерскиот зрак, кој можеше да ги онеспособи оптичките и електронските уреди на противничките воздухоплови и другите возила, како и непријателската жива сила, бидејќи можеше да предизвика трајно губење на видот. Беа произведени само два примерока на овој тенк.

Голем број технички решенија променети кај овој систем се употребени и во реализацијата на перспективниот проект „Пересвет“.

 

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња