Ловец со акробатски можности: Су-27 ги промени стандардите на современата авијација

Су-35

Су-35

Wikipedia
Пред 43 години првпат полета новиот експериментален модел на советскиот ловец од четвртата генерација Су-27, кој во меѓувреме стана симбол на руското, но и на светското воздухопловство. Користејќи ги најсовремените достигнувања, советските воздухопловни инструктори долго работеа на него и на крај склопија летало кое според летечко-техничките параметри немаше пандан во советската армија. Во понатамошната еволуција на ловецот Су-27 беа направени десетина модификации, но и потполно нови авиони.

Работата над авион-ловец од 4 генерација во СССР започна кон крајот на 60-тите години од минатиот век. Пред конструкторите беше задачата за изработка на ловец кој ќе го надмине американскиот авион-ловец F-15 Eagle. Оваа задача врз себе ја презедоа трите главни воздухопловни констркторски бироа: „Сухој“, „Јаковлев“ и „Микојан-Гуревич“. Неколку години подоцна (1972 година) се изродија два проекта направени од инженерите на КБ „МиГ“ и ОКБ „Сухој“. Тоа беа двата домашни ловци од четвртата генерација кои ги носеа ознаките МиГ-29 и Су-27, пренесува веб-порталот РГ.

Првиот експериментален модел на ловецот Су-27 полета на 20 мај 1977 година. Со него управуваше пробниот пилот Владимир Иљошинин. За оваа фаза на тестирањето беа произведени вкупно пет опитни модели. Првиот модел не успеа според своите карактеристики да го надмине американскиот F-15 Eagle, но упорната конструкторска работа над него продолжи. Неколку години подоцна во воздух се подигна усовршената верзија на авионот која ја носеше ознаката Су-27 (Т-10С). Наредната година почна неговата пробна експлоатација во воздухопловните единици на советската армија.

Во наредните неколку години авионот со пробниот пилот Виктор Пугачев го собори рекордот кога е во прашање достигнувањето висина од три илјади метри. Тој успеа да го изведе тоа за само 25,4 секунди, што никому претходно не му појде од рака. Во март 1987 година беше соборен уште еден светски рекорд, овој пат тоа успеа да го оствари пробниот пилот Николај Садовников. Тој ја достигна висината од 15 км за само 76 секунди.

Овој авион сериозно го привлече врз себе вниманието на светската јавност кога на воздухопловниот митинг во Ле Бурже (одржан 1989 година) изведе дотогаш непознат маневар, кој според карактеристичното изведување беше наречен „Кобрата на Пугачев“. Во текот на класичниот показен лет, авионот на запрепастување на публиката нагло го подигна својот носен дел зголемувајќи го напаѓачкиот агол до 120 степени, така што во еден момент со својот опашест дел одеше напред, а потоа нагло се врати во првобитната положба. Воените експерти сметаат дека овој маневар има своја ракетна примена во блиска воздушна борба. Особено кога е во прашање неговата примена против ракети со самонаведувани радарски боеви глави. Овој маневар е исто така употреблив против непријател кој се наоѓа зад авионот.

За да максимално се зголеми напаѓачкиот агол, развиени се мотори со управливи вектори на потисок. Со овие мотори овој авион може да изведе уште една специфична маневарска фигура која се нарекува „Чакрата на Фролов“. Во оваа фигура авионот нагло ја зголемува својата висина со истовремено намалување на својата брзина, од каде од оваа позиција го изведува тнр. „мртов јазол“ при што постигнува напаѓачки агол од 360 степени, поточно практично се врти околу својот опашест дел.

За успешно и ефективно да се совладаат овие сложени летечки фигури, на авионот му помага електродалечинскиот систем за управување, кој не беше применет кај ловците од третата генерација. Командувањето преку електрични сигнали наместо преку тешки челични кабли, од ова летало направија авион со супериорни маневарски способности и сигурности во текот на летот. Покрај тоа, леталото беше опремено со нов радар, оптоелектронски систем за нишанење и силни мотори АЛ-31Ф. НАТО го кодифицираше овој авион како Flanker-B. 

Официјално, ловечкиот апарат Су-27 стапи во вооружувањето на 23 август 1990 година. Во тој момент од авионот беа отстранети сите воочени недостатоци во текот на долгото тестирање. Од стартот на неговото сериско производство кое започна 1984 година беа направени околу 1500 авиони Су-27 со неговите модификации, како и современи апарати кои настанаа врз негова основа (Су-30, Су-33, Су-34, Су-35.) Исто така, овој авион стана база за експериментот за развој на перспективниот палубен авион со екстремни маневарски способности Су-47 „Беркут“. Овој авион е конструиран според шемата на обрнато крило, а во неговата конструкција беа масовно применети материјали врз база на композит.   

 

 

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња