„Ракетен гетлинг“: С-350 „Витез“ ќе стане непробојна бариера за крстосувачки ракети

ТВ „Ѕвезда“
Најновиот ракетен комплекс С-350 „Витез“ за неколку пати ја зголемува ефикасноста во однос на постојните ПВО-средства кога станува збор одбрана од масовен напад со крстосувачки ракети врз најважните објекти на руска територија. Една од неговите главни карактеристики ќе биде големата огнена моќ која ќе обезбеди истовремен напад со рекордна количина самонаведувани ракети врз различни типови воздушни цели.

Согласно државната програма за опремување на руската армија, наскоро почнува испораката на ПВО-системите С-350 „Витез“ во единиците на Воздушно-космичките сили (ВКС) и Воената морнарица (ВМС), се наведува во официјалниот весник на руското Министерство за одбрана „Краснаја звезда“.

Во овој момент еден дивизион „Витези“ се наоѓа во состав на Центарот за обука на специјалисти на ракетни системи за ПВО во Гатчина. По теоретското запознавање со новата техника, се планира интензивна практична обука на „ракеташите“ на новите системи, пренесува веб-порталот РГ.

Основна карактеристика на ракетниот систем С-350 е способноста за дејство во сите правци, но и она што е уште поважно – значително зголемените огнени можности во однос на сличните системи. Овој систем употребува ракети опремени со активни глави за самонаведување кои самостојно ги зафаќаат своите цели, така што копнените радарски станици во голема мера им служат само за насочување во првиот дел на траекторијата. Една самоодна лансирна единица има проширен борбен комплет во однос на системот С-400. Исто така, С-350 „Витез“ се одликува со зголемена борбена жилавост затоа што во рамките на еден дивизион се наоѓаат и до 2-3 повеќенаменски радарски станици.

Комплекс се состои од машина за борбено управување (МБУ), пасивна радарска станица, две самоодни лансирни единици (ПУ), повеќенаменски радар и радар за откривање цели на големи висини.

 

Техничките можности на радарската станица и машината за борбено управување (МБУ) се такви што комплексот истовремено може да нападне до 16 воздушни цели. Притоа на секоја цел се лансираат по две ракети (вкупно 32), што гарантира 100% успешност. Целиот комплекс работи во автоматски режим на работа и самиот бира колку ракети му се потребни за секоја од „зафатените“ цели. Од моментот на детекција па до нејзиното уништување во просек е потребно да поминат максимално 20 секунди.

Неодамна беше одржана и воена вежба која имитира одбрана од масовен удар на потенцијалниот непријател (тнр. „Напад во вид на ѕвезда“). Притоа непријателот изведува напад со голем број наведувано воздухопловно оружје од класата „воздух-земја“, практично од сите правци. Операторите на системот С-350 „Витез“ детектираа и пресретнаа 24 опасни цели. Електронските лансирања поминаа успешно. Сите цели беа уништени.

С-350 „Витeз“ претставува ракетен систем со среден дострел и спаѓа во орудијата од нова генерација. Развиен е од познатиот концерн „Алмаз-Антеј“. Се употребува за борба против широк спектар воздушни објекти на далечини до 60 км. Притоа ракетата може да собори цел која се движи на висина до 30 км. Системот може подеднакво ефикасно да се употреби против аеродинамични, но и балистички цели. Една лансирна единица на ракетниот систем С-350 „Витeз“ е вооружена со 12 ракети (9М100 и 9М96) со мал и среден дострел. Треба да се напомне дека руските конструктори за овој систем ја развија и ракетата 9М96Е2 која има двојно поголем дострел во далечина од стандардните ракети. Нејзиниот максимален дострел изнесува 120 км. Во план е овој систем да ги замени основните верзии на системите БУК и С-300 кои се наоѓаат во вооружувањето на руската армија.

Новиот систем со среден дострел ќе обезбеди далеку поголема огнена моќ за единиците за ПВО во борбата против непријателот. Сега само еден ракетен дивизион С-350, кој во основа се состои од осум лансирни единици, во својот состав ќе има 96 ракети, наместо 32 ракети, како што е случајот со системите С-300ПС. Ова, во содејство со современиот радарско-набљудувачки комплекс ќе обезбеди способност за заштита од масовни удари на условниот непријател, кој се проектира со употреба на голем број бомби, крстосувачки ракети и беспилотни летала.

Руските Воздушно-космички сили во периодот од 2021-2027 година ќе примат 12 дивизиони на новиот ракетен ПВО-систем С-350 „Витез“. Вакви проекции изнесе началникот на руската Воена академија „Г. К. Жуков“ на која се школуваат офицерите на ВКС генерал-потполковник Владимир Лјапоров. Околу 12 дивизиони ќе бидат распоредени во пет ракетни полкови за противвоздухопловна одбрана кои се наоѓаат во различни воени окрузи. 

 

 

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња