Се појавија фотографии од ракетниот ПВО-систем С-350 „Витез“ испорачан на руската армијa

Рамиљ Сидиков/Sputnik
Како што веќе пишувавме, првите елементи на ракетниот ПВО-систем С-350 „Витез“ се испорачани на Центарот за обука на ПВО-единиците во Гатчина. Засега не е позната формациската структура на испорачаната техника, но се претпоставува дека е во прашање еден ракетен дивизион.

Првиот противвоздухопловен ракетен систем С-350 „Витез“ им е предаден на Воздушно-космичките сили, соопшти Министерството за одбрана на РФ. Веднаш по испораката на ракетниот систем беше изведена показна воена вежба која се состоеше од детекција на условниот непријател во воздушниот простор и негово уништување со електронско лансирање на ракета, пренесува интернет-порталот Marsonline.

С-350 „Витeз“ претставува ракетен систем со среден дострел и спаѓа во орудијата од нова генерација. Развиен е од познатиот концерн „Алмаз-Антеј“. Се употребува за борба против широк спектар воздушни објекти на далечини до 60 км. Притоа ракетата може да собори цел која се движи на висина до 30 км. Системот може подеднакво ефикасно да се употреби против аеродинамични, но и балистички цели. Една лансирна единица на ракетниот систем С-350 „Витeз“ е вооружена со 12 ракети (9М100 и 9М96) со мал и среден дострел. Треба да се напомне дека руските конструктори за овој систем ја развија и ракетата 9М96Е2 која има двојно поголем дострел во далечина од стандардните ракети. Нејзиниот максимален дострел изнесува 120 км. Во план е овој систем да ги замени основните верзии на системите БУК и С-300 кои се наоѓаат во вооружувањето на руската армија.

Новиот систем со среден дострел ќе обезбеди далеку поголема огнена моќ за единиците за ПВО во борбата против непријателот. Сега само еден ракетен дивизион С-350, кој во основа се состои од осум лансирни единици, во својот состав ќе има 96 ракети, наместо 32 ракети, како што е случајот со системите С-300ПС. Ова, во содејство со современиот радарско-набљудувачки комплекс ќе обезбеди способност за заштита од масовни удари на условниот непријател, кој се проектира со употреба на голем број бомби, крстосувачки ракети и беспилотни летала.

Руските Воздушно-космички сили во периодот од 2021-2027 година ќе примат 12 дивизиони на новиот ракетен ПВО-систем С-350 „Витез“. Овие проекции ги изнесе началникот на руската Воена академија на која се школуваат офицерите на ВКС („Г. К. Жуков“) генерал-потполковник Владимир Љапоров.

Околу 12 дивизиони ќе бидат распоредени во пет ракетни полкови за противвоздухопловна одбрана во различни воени окрузи.

Од руското Министерство за одбрана соопштија дека во 2020 година единиците на Воздушно-космичките сили ќе добијат четири полковски комплети стратешки ракетни системи со голем дострел С-400 „Триумф“ и шест дивизиони опремени со ракетно-топовските системи со краток дострел „Панцир-С1“.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња