Системот С-350 „Витез“ ги покажа своите борбени можности во судир со ловци МиГ-29СМТ

Wikipedia
На специјализиран воен полигон во Астрахањската област, новиот ракетен ПВО-систем со краток/среден дострел С-350 „Витез“ ги испроба способностите на нишанските радари и суперманеварбилните ракета 9М100 и 9М96. Претставниците на руското Министерство за одбрана се презадоволни од приказот. Се очекува првиот дивизион опремен со овие средства наскоро да влезе во вооружувањето на единиците на ВКС распоредени во Ленинградската област.

Воздушно-космичките сили на руската армија (скр. ВКС) го изведоа првото гаѓање од најновиот противвоздухопловен ракетен систем со краток/среден дострел С-350 „Витез“. Гаѓањето беше реализирано на специјализиран воен полигон во Астрахањската област. Оваа информација ја пренесе информативната служба на руското Министерство за одбрана.

„Специјалистите на ракетната војска на ПВО на полигон во Астрахањската област извршија гаѓање од овој комплекс“, рекоа од Министерството за одбрана, без да го прецизираат точниот датум на изведување на оваа активност.

Покрај тоа, огнените позиции, опремени со радарските елементи на овој комплекс, заедно со неговите транспортно-лансирни единици, изведоа вежба за откривање, ангажирање и уништување на реални воздушни цели, имитирани од модернизирани борбени авиони-ловци МиГ-29СМТ.

Првиот дивизион опремен со овие средства наскоро ќе влезе во вооружување на единиците на ВКС распоредени во Ленинградската област. Оваа го соопшти информативната служба на руското Министерство за одбрана, а пренесе агенцијата ТАСС.

До крајот на оваа година руската воена индустрија ќе им испорача на единиците на ВКС уште четири комплетни ракетни полкови опремени со ПВО/ПРО-системот со долг дострел С-400 „Триумф“, како и шест дивизиони кои во својот состав ќе имаат хибридни ракетно-топовски системи со краток дострел „Панцир-С“.

Руските Воздушно-космички сили во периодот 2021-2027 година ќе добијат 12 дивизиони на новиот ракетен ПВО-систем С-350 „Витез“. Вакви проекции изнесе началникот на руската Воена академија „Г. К. Жуков“, на која се школуваат офицерите на ВКС, генерал-полковник Владимир Лјапоров.

С-350 „Витјаз“ претставува ракетен систем со среден дострел и спаѓа во орудијата од нова генерација. Развиен е од познатиот концерн „Алмаз-Антеј“. Се употребува за борба против широк спектар воздушни објекти на далечини до 60 км. Притоа ракетата може да собори цел која се движи на висина до 30 км. Системот може подеднакво ефикасно да се употреби против аеродинамични, но и балистички цели. Една лансирна единица на ракетниот систем С-350 „Витјаз“ е вооружена со 12 ракети (9М100 и 9М96) со мал и среден дострел. Треба да се напомне дека руските конструктори за овој систем ја развија и ракетата 9М96Е2 која има двојно поголем дострел во далечина од стандардните ракети. Нејзиниот максимален дострел изнесува 120 км. Во план е овој систем да ги замени основните верзии на системите БУК и С-300 кои се наоѓаат во вооружувањето на руската армија.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња