Гардискиот спецназ од Тамбов ги испроба новите автоматски пушки АК-12 (ФОТО-АЛБУМ)

Министерство за одбрана на Руската Федерација
На интернет-ресурсите се појави фотографија на која се гледаат припадници на 16 самостојна гардиска бригада за специјална намена која се наоѓа на територијата што ја покрива Западниот воен округ. Нејзините единици се опремени со најновите автоматски пушки АК-12.

Според информациите што доаѓаат од Министерството за одбрана на РФ, автоматската пушка АК-12 ќе биде основното стрелечко вооружување на комбинираните и другите единици кои се наоѓаат во составот на руската армија. АК-12 има голем број конструкторски специфичности, што ѝ обезбедува значително зголемување на нивото на борбена ефикасност, едноставноста на примена, прецизноста, вкупната ергономичност. Стрелец вооружен со оваа пушка ќе може да дејствува во три режими на стрелба: единечна, рафална и со по два куршума.

Автоматската пушка АК-12 користи муниција со калибар 5,45 милиметри. За разлика од претходните модели, новата пушка има унапредена ергономија и интегрирана „Пикатини“ шина, така што на неа може да се монтираат различни оптички нишани. Различни тактички додатоци како вертикален држач, батерија и ласерски нишан исто така може да се додадат. Пушката, исто така, има нова „проѕирна“ рамка, така што војниците сега можат да видат колку куршуми им имаат останато, а исто така има и склоплив кундак што се прилагодува, кој ја зголемува прецизноста во затворен простор. На АК-12 ќе може да се монтира и потцевен фрлач на гранати со калибар 40 мм.

Голем контингент со овие пушки калибар 5,45 мм оваа година ќе му биде испорачан на руското Министерство за одбрана. Ова го соопшти информативната служба на министерството, пренесува новинската агенција ТАСС.

„Во рамките на реализацијата на државната одбранбена програма за опремување на руската армија, воено-индустрискиот комплекс ќе му испорача на Министерството за одбрана 40 илјади автоматски пушки“, се наведува во соопштението. Според последните информации, на специјалните единици од составот на Западниот воен округ им е испорачана количина од околу 500 нови автоматски пушки АК-12.

16 самостојна гардиска бригада за специјална намена има традиција уште од времето на СССР. Таа се наоѓа во гарнизонот Тамбов и е директно потчинета на Главната команда на Главниот штаб (поранешен ГРУ), поточно на воено-разузнавачката служба. Нејзината јачина е проценета на 1400 луѓе и се состои од неколку самостојни одреди за специјална намена. Според својата опременост, но и борбеното искуство, спаѓа во елитните единици на руската армија. Бригадата учествуваше во судирите во Авганистан, Таџикистан, на Кавказу (1 и 2 чеченска војна) и Руско-грузискиот конфликт.

Погледнете го видеото: Ветеран на американските „Делта Форс“ импресиониран од новиот АК-12

 

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња