Подморниците што се наоѓаат во состав на руската Северна флота се подготвуваат да изведат тест-лансирања на хиперсонично вооружување. Ова за рускиот весник „Краснаја звезда“ го изјави командантот на Северната флота, вицеадмирал Александар Моисеев.
„Во блиска перспектива почнуваме со тестирање на хиперсоничното вооружување кое ќе се најде на подморниците. Такви задачи веќе ни се поставени“, истакна командантот на Северната флота.
Според веб-порталот ТАСС, се претпоставува дека во овие активности ќе учествува повеќенаменсакта подморница „Северодвинск“ од класата 885 „Јасен“. Оваа подморница се наоѓа во состав на Северната флота. Тестирањето ќе биде реализирано под површината на водата, а ракетата која притоа ќе биде применета е перспективниот противбродски хиперсоничен проектил „Циркон“. Исто така се смета дека оваа ракета ќе ја испроба и модернизираната верзија на оваа подморница „Казањ“ (класа 885М „Јасен-М“) која во март влезе во оперативните единици на Црноморската флота.
Првото тестирање на ракета „Циркон“ беше успешно реализирано на почетокот на оваа година. Ракетата беше лансирана од ракетната фрегата од класата 22350 „Адмирал Горшков“. Лансирањето беше изведено од акваторијата на Баренцовото море. Исто така беше соопштено дека копнената цел која притоа беше гаѓана се наоѓаше на воен полигон на Северен Урал. Претпоставката е дека ракетата притоа прелетала растојание од 500 км и успешно ја погодила својата цел.
На 20 февруари 2019 година претседателот на Руската Федерација Владимир Путин при обраќањето до Федералното собрание рече дека новата хиперсонична ракета „Циркон“ ќе лета побрзо од 9 маха и ќе може да напаѓа цели на далечини и до 1000 километри.
Се претпоставува дека со овој тип ракета ќе бидат вооружени површинските воени бродови и подморниците, како перспективните, така и оние кои веќе се наоѓаат во оперативна функција. Треба да се напомне и дека рускиот претседател кон крајот на минатата година првпат ја спомена можноста за развој и на копнена верзија на хиперсоничниот ракетен систем „Циркон“. Според различни информации, должината на ракетата ќе изнесува 8-10 метри, додека тежината на боевата глава ќе достигнува 400 кг.