На списокот се наоѓаат Кина, САД, Ирак, Етиопија и Пакистан. На секоја од овие земји „Калашников.Media“ им посвети посебен видеоматеријал. Стручњакот на концернот „Калашников“ Владимир Онокој не само што ги наведе најнесериозните производители, ами издвои и некои особини на најнеуспешните странски верзии на АК.
Кина
СССР ѝ ја предаде технологијата за производство на АК на Кина уште во 1956 година. Првите варијанти од автоматските пушки од кинеско производство беа сосема солидни, вели Онокој. Но, почнаа да се појавуваат и модели со незадоволителен квалитет, кај кои, на пример, цевката се ниша во лежиштето.
Со текот на времето во кинеските фабрики започна да се разгледува можноста како производството на АК да се направи порационално, а варијантите кои беа осмислувани не секогаш се покажуваа како оправдани. Падот на квалитетот го оправдуваше ниската цена. Според стручњакот од концернот „Калашников“, додека претходно користените пушки АК на меѓународниот пазар се продаваа во просек за 400 американски долари, кинескиот модел чинеше околу 93 американски долари.
Кинеските АК имаат недостаток од напредување: слаба повратна пружина, кршлива кочница, затворач кој лесно се распрснува, слаба густина на погодување и многу други работи.
Ирак
Технологијата на производство на АК Ирак ја доби од Југославија, која никогаш немала лиценца за производство на ова оружје. „Ирачката автоматска пушка е фактички пиратска копија на пиратска копија“; изјави Владимир Онокој.
Во текот на првите години од производството на фабриката кај Багдад квалитетот беше задоволителен. Но, долгата војна со Иран во голема мера влијаеше на ирачката економија. До средината на осумдесеттите години од минатиот век југословенските експерти го напуштија Ирак, по што квалитетот на пушките значително опадна.
Ирачките АК немаат хромиран канал на цевката и затоа побрзо ‘рѓосуваат. Исто така имаше проблеми со термичката обработка на ситните делови, поради што, на пример, се кршат нишаните. Онокој вели дека еднаш во рацете му се нашла ирачка пушка на која рамката се нишала во однос на вертикалата, што оневозможувало полнење со куршуми.
САД
На трето место се најдоа Соединетите Американски Држави. Десетици американски претпријатија се занимаваат со производство на АК. Според Владимир Онокој, на територијата на САД се произведуваат како некои од најдобрите, така и н некои од најлошите варијанти на автоматската пушка Калашников.
Првобитно со производство се занимаваа мали работилници кои правеле солидно оружје, но неговите производи беа скапи. Со текот на времето бројот на производителите стана поголем, па се појавија и некои од најлошите копии на АК на светот.
Еден од производителите беше компанијата Inter Ordnance. Нејзините пушки имаа искривени цевки, затворачи кои се распаѓаат, делови кои паѓаат и слично. Уште еден неодговорен производител беше компанијата Century Arms. „За нејзините АК велат дека се 'два во едно': и автоматска пушка и рачна бомба. Од обичната граната се разликуваат по тоа што можат да експлодираат во секој момент“, вели рускиот стручњак.
Етиопија
Производството на АК во Етиопија, од своја страна, го започнаа севернокорејските стручњаци. Етиопските автоматски пушки се подложни на корозија, имаат деформирани споеви и делови од пластика со слаб квалитет. Дури и по 60 години оригиналните советски АК изгледаат и функционираат подобро од нивните копии од Етиопија.
Пакистан
Првото место меѓу најлошите копии го зазедоа пакистанските АК, произведени во мали работилници. Владимир Онокој го сподели своето искуство со овие пушки. Според него, од 30 вакви пушки 20 пукале така што на растојание од 50 метри куршумот до целта стасувал странично. Ова се случувало поради примитивниот начин на производство на цевката. Но, тоа треба да се види со свои очи.
„Автоматската пушка Калашников не е само оружје. Таа често ја одразува историјата на земјата во која се произведувала, историјата на воените конфликти и на индустријата“, заклучува Владимир Онокој.