Руските противвоздушни системи со краток дострел „Тор-М2КМ“ станаа дел од вооружените сили на Република Ерменија. Ова го соопшти премиерот на ерменската влада Никол Пашињан, пренесува веб-порталот РИА „Новости“.
„Ерменската војска ги набави суперсовремените системи за противвоздухопловна и противракетна одбрана „Тор-М2КМ“ од руско производство“, напиша Пашињан на својата страница на „Фејсбук“.
Според него, станува збор за системи произведени 2019 година. „Ова е една од најважните воени набавки во тековната година. Не можам да ви кажам точно колку вакви системи набавивме затоа што тоа е воена тајна“, рече ерменскиот премиер.
Противвоздушниот ракетен комплекс 9К332 „Тор-М2“ е ефикасен против авиони, хеликоптери, беспилотни летала, и посебно, високопрецизни наведувани бомби и ракети. Претставува комплекс со мал дострел (во далечина 16 км/во висина 10 км), и е идеален за заштита на оклопно-механизирани колони во марш. За разлика од претходните верзии на овој комплекс, „Тор-М2“ во својот борбен комплет има 16 ракети (претходните верзии имаа капацитет од 8 ракети). Се одликува со подвижност, кратко време на реакција по забележана цел, автоматизација на процесот при гаѓање, исклучителна ефикасност при уништување на цел спектар воздушни цели, како и висок степен на отпорност на средства за ПеБ (средства за противелектронска борба).
Неговата најнова специјална верзија ја носи ознаката 9К332К „Тор-М2ДТ“. Се работи за исто така систем со мал дострел кој е специјално проектиран за сурови временски услови какви што има на северот. Се одликува со голема подвижност бидејќи е интегриран на гасенична платформа ДТ-30 која е специјално направена за непроодните терени какви што има на северот на Русија.
Што се однесува до верзијата на системот „Тор-М2КМ“, станува збор за модуларен комплекс кој се состои од автономен борбен модул, кој може да се распореди на голем број мобилни шасии, вклучувајќи и камиони. Може да се користи и како фиксен ПВО-комплекс.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче