Првиот човек на рускиот завод „Купол“:Нашите ПВО-системи 9К332 „Тор-М2“ се тестирани во реална борба

Виталиј В. Кузмин
Противвоздушниот ракетен систем со мал дострел 9К332 „Тор-М2“ помина тестирање во реални борбени услови, соопшти Фанил Зијатдинов, генерален директор на ижевскиот електромеханички завод „Купол“ кој се наоѓа во состав на концернот за воздушно-космичка одбрана „Алмаз-Антеј“.

Тој изјави дека притоа  9К332 „Тор-М2“ во целост ги потврдил своите карактеристики и тоа не само во текот на опитните и боевите гаѓања на воените вежби, туку и при решавањето специјални задачи во реални борбени услови“, пренесуваат медиумите.

„Се надевам дека имате предвид што мислам кога го кажувам ова“, додаде тој без да прецизира за што всушност се работи.

Директорот на заводот „Купол“ исто така соопшти дека информацијата за високата ефективност на ракетните ПВО-системи ПВО „Тор“ (базичната верзија + модификациите) е одлична референца за неговите потенцијални купувачи кои доаѓаат од странство, пренесува интернет-порталот „Взгљад“.

Тој потсети дека кога се зборува „за севкупните тактичко-технички карактеристики на ракетните ПВО-системи со мал дострел од семејството „Тор“, во светот не постои адекватна конкуренција која може да му парира“, како и дека тоа е „совршено јасно, како на домашните специјалисти, така и на оние кои доаѓаат од странство“.

„Ние многу успешно се натпреваруваме со било кои модерни системи за противвоздушна одбрана во нашата класа, за што сведочат бројните испораки на нашите системи на странските армии“, нагласи директорот Зијатдинов. Тој, исто така, истакна дека на крајот на 2018 година Русија му испорачала на странски нарачате голем контингент составен од системи за ракетни ПВО-системи „Тор“.

„Да се разбереме, сите држави кои се наоѓаат во еден вид политичка зависност во однос на САД или водечките земји од ЕУ набавуваат сложени борбени системи од нивно производство. Онаму каде што не постои такви влијание и каде причината за купување е исклучиво поврзана со тактичко-техничките перформанси и цената на производот, таму ситуацијата е битно поинаква“, рече првиот човек на заводот „Купол“. Притоа тој не прецизираше во која држава Русија испорачала толкав број ПВО-системи со мал дострел „Тор“.

Противвоздушниот ракетен комплекс 9К332 „Тор-М2“ е ефикасен против авиони, хеликоптери, беспилотни летала, и посебно, високопрецизни наведувани бомби и ракети. Претставува комплекс со мал дострел (во далечина 16 км/во висина 10 км), и е идеален за заштита на оклопно-механизирани колони во марш. За разлика од претходните верзии на овој комплекс, „Тор-М2“ во својот борбен комплет има 16 ракети (претходните верзии имаа капацитет од 8 ракети). Се одликува со подвижност, кратко време на реакција по забележана цел, автоматизација на процесот при гаѓање, исклучителна ефикасност при уништување на цел спектар воздушни цели, како и висок степен на отпорност на средства за противелектронска борба. 

Неговата најнова специјална верзија ја носи ознаката 9К332К „Тор-М2ДТ“. Се работи за исто така систем со мал дострел кој е специјално проектиран за сурови временски услови какви што има на северот. Се одликува со голема подвижност бидејќи е интегриран на гасенична платформа ДТ-30 која е специјално направена за непроодните терени какви што има на северот на Русија.

Погледнете го видеото: Најновиот противвоздушен ракетен систем „Тор-М2“ одвнатре

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња