Турската армија започна со тестирање на радарите на С-400: Во пробата учествуваат и авиони F-16

Марина Лисцева/TASS
Радарските системи во рамките на ракетните ПВО/ПРО-системи со голем дострел С-400 „Триумф“ ќе го „осветлат“ воздушниот простор над поширокото подрачје на Анкара. Во тестирањето ќе учествуваат и борбени авиони на турското воено воздухопловство, вклучувајќи и авиони-ловци F-16.

Турската армија започна со тестирање на радарските елементи кои се наоѓаат во состав на ракетните ПВО-системи со голем дострел С-400 „Триумф“. Ова го соопшти турскиот весник „Милиет“, повикувајќи се на локални извори, а пренесе интернет-порталот РГ.

Според информациите на турскиот медиум, тестирањето ќе биде спроведено на 25 и 26 ноември на подрачјето на главниот град Анкара. Специјалистите ќе ја проверат функционалната врска помеѓу системите за ПВО и борбените авиони. За таа цел, за време на оваа проверка ќе бидат ангажирани неколку ловци, меѓу кои и F-16.

Како што пренесува турскиот весник, претстојното воведување на ракетните системи С-400 во оперативното вооружување на турската војска доведе до вжештување на односите меѓу Анкара и Вашингтон. Неодамна Вашингтон побара од турските власти да ја раскинат оваа зделка со Русите и да се свртат кон набавка на американскиот ПВО-систем „Патриот“. Ова го условуваше со продажба на американски ловци од петтата генерација F-35. Анкара одговори на оваа уцена на Вашингтон со отпочнување преговори за набавка на руски ловци Су-57.

Рускиот противвоздухопловен ракетен систем С-400 „Триумф“ е наменет за борба против сите современи и перспективни средства на воздушно-космичкото оружје. Неговиот максимален хоризонтален дострел изнесува околу 400 километри (ракетата 40Н6Е), додека по височина дејствува и до 35 километри.

Формациски, во рамките на еден дивизион најчесто се наоѓаат 2-3 батерии од овој систем, со вкупно 8-12 транспортно-лансирни единици. Еден дивизион во својот состав има 48 ракети подготвени за моментално дејство. Цел ракетен полк хипотетички може да нападне 96 воздушни цели на непријателот, во оперативен борбен радиус до 400 километри.

 

 

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња