Потврдено дека Москва и Анкара размислуваат за нова испорака на С-400

Виталиј В. Кузмин
Русија и Турција разговараат за понатамошни испораки на руски ракетни системи С-400, соопшти во средата во Сочи директорот на руската државна компанија за увоз и извоз на производи за воена намена „Рособоронекспорт“ Александар Михеев.

Според неговите зборови, Москва и Анкара веќе ги разгледуваат „договорната опција, финансискиот модел и роковите за испорака“. „ Во завршна фаза е веќе и програмата за локализација“, додаде тој, без да открива детали за прашањето на локализација на производството според договорот за испорака на С-400 на Турција.

Освен тоа, руските експерти обучуваат припадници на турската војска за работа на техниката што е веќе испорачана, додаде Михеев. „По завршувањето на програмата за обука, турската страна ќе го стави системот на борбено дежурство “, рече директорот на руската компанија.

Михеев исто така изјави дека Русија ѝ ги испорачала на Турција сите елементи на системот С-400. „Успешно ја решивме логистиката при испораката. Реализиравме 72 транспортни летови. Сè е изведено прецизно, без грешки. Договорот е реализиран пред договорениот рок“, соопшти раководителот на „Рособоронекспорт“.

Кон крајот на јуни прес-секретарот на претседателот на Русија Дмитриј Песков соопшти дека договорот за испорака на С-400 на Турција предвидува и делумен трансфер на технологија.

Прашањето за локализација на дел од производството во Турција според договорот за испорака на С-400 ќе се разгледува во текот на преговорите, изјави во јули за „Интерфакс“ директорот на руската Федерална военотехничка соработка Дмитриј Шугаев. „Прашањето за локализација на производството на С-400 е отворено“, рече тој.

На 19 октомври рускиот вицепремиер Јуриј Борисов изјави дека постои голема веројатност да биде потпишан нов договор за С-400 со Турција. „Мислам дека постои голема веројатност. Тие имаат договорна опција и право да ја реализираат“, рече Борисов.

Претходно беше соопштено дека Турција купила од Русија четири дивизиони противвоздушни системи С-400. Се проценува дека договорот вреди 2,5 милијарди долари. Дел од договорот, според директорот на „Ростех“ Сергеј Чемезов, има форма на кредит. Официјално не е соопштено во која валута Турција ќе го плати С-400.

С-400 „Триумф” е наменет за гаѓање авиони на стратешката и тактичката авијација, балистички ракети, хиперсонични цели и други средства за воздушен напад во услови на радиоелектронско и други форми на војување. Системот е во состојба да погоди аеродинамични цели на растојание до 400 километри, а на оддалеченост до 60 километри балистички цели што се движат со брзина до 4,8 километри во секунда на висини од неколку метри до неколку десетици километри.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња