Перспективниот ескадрен разурнувач „Лидер“ ќе има керамички оклоп со екстремна цврстина

Слободан Ѓукиќ
Руските научници од Криловскиот државен научен центар (КГНЦ) работат на изработка на специјални бродски заштитни конструкции што ќе содржат керамички материјали и специјални заштитни ткаенини. Овие материјали се карактеризираат со високи параметри на цврстина, каде што и покрај големите деформации можат да ги задржат своите основни технички својства.

Перспективниот ескадрен разурнувач „Лидер“ може да добие посебни делови на конструкцијата кои ќе бидат заштитени со керамичка оклопна заштита. Ова во понеделникот го изјави за веб-порталот ТАСС водечкиот конструктор за цврстина и сигурност на бродската конструкција на Криловскиот државен научен центар  (КГНЦ) Валериј Шапошников.

„Постојат предлози за систем на рационална структурна заштита на бродот во развој“, рече Шапошников. Специјалистот истакна дека станува збор за „развојни и веќе тестирани заштитни конструкции кај кои се применети керамички материјали и специјални заштитни ткаенини“. Тој додаде дека употребата на такви материјали во изградбата на бродот значително ќе ја намали вкупната маса на неговата заштитна конструкција.

Според него, сериозното зголемување на цврстината на керамичкиот оклоп е постигнато со употреба на нови технологии при неговата изработка, а кои можат значително да се деформираат при удар, а притоа оклопната заштита да ги задржи своите својства.

Проектот за атомскиот разурнувач од нова генерација „Лидер“ е вклучен во државната програма за опремување на вооружените сили (ГПВ), конципирана да се реализира во периодот 2018-2025 година. Оваа информација на агенцијата ТАСС ја пренесе извор кој се наоѓа во состав на руската делегација на Меѓународниот военопоморски саем во Санкт Петербург.

Инаку, изградбата на перспективниот разурнувач ќе трае најмалку 5 години. Тој најверојатно ќе се гради на бродоградилиштето „Севернаја верф“ во Санкт Петербург. Ова бродоградилиште во последно време интензивно се модернизира со цел оспособување за изградба на најсложените површински пловила, како што е секако овој брод. Во секој случај, до 2025 година руската флота ќе биде посилна за најмалку еден суперразурнувач од класата 23560 „Лидер“.

Треба да се напомене дека руската ВМФ планира во својот борбен состав да прими група од вкупно 12 од овие бродови, кои ќе бидат во состав на Тихоокеанската и Северната флота.

Претпоставките се дека ескадрениот разурнувач „Лидер“ (проект 23560) ќе биде највооружениот воен брод во светот. Ова пловило со својот депласман од околу 15000 тони ќе го движи нуклеарен реактор. Неговиот арсенал ќе се состои од повеќе од 200 вертикални ракетни лансери кои ќе содржат хиперсонични ракети „Циркон“, крстосувачки ракети „Калибар“, поморски верзии на ракетните системи за ПВО и ПРО С-500 „Прометеј“, С-350 „Витјаз“ итн.

 

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња