Оружје за шампиони: „Ростех“ разви нов пиштол „Аспид“

Антон Белицки
Државната корпорација „Ростех“, поточно ЦННИИточмаш, разви нов пиштол „Аспид“ специјално дизајниран за стрелците кои практикуваат спортско (практично) стрелаштво. „Аспид“ е направен врз основа на новиот пиштол „Удав“.

Пиштолот е конструиран за стрелци кои се натпреваруваат во практично стрелаштво. Ќе се карактеризира со зголемен гарантен ресурс и подобрена ергономија, наведуваат од информативната служба на државната корпорација „Ростех“, во која спаѓа и институтот ЦННИИточмаш, кој го разви овој пиштол, пренесува интернет-порталот РГ.

Кога станува збор за тактичко-техничките барања во врска со продолжениот загарантиран ресурс, тој подразбира истрелување на 25 илјади куршуми, вклучително и примена на посебни материјали во механизмот на оружјето што ќе обезбеди негова експлоатација во температурен опсег од -30 до +50 степени Целзиусови.

Покрај тоа, карактеристичната конструкција на ракофатот на новиот пиштол ќе овозможи негово прилагодување на антропометриската големина на раката на стрелецот кој ракува со ова оружје. Не е тајна дека ако пиштолот лежи подобро во рака, резултатите на натпреварувањето се подобри.

Извесно е дека капацитетот на рамката за спортскиот тип на пиштолот во варијантите „сериска“ и „сериска со оптички нишан“ ќе биде 18 куршуми, додека во класата „стандард“ ќе има 22 куршуми.

Исто така, може да се прочита дека новиот спортски пиштол „Аспид“ ќе се произведува во три варијанти за три дисциплини во практично стрелаштво - сериска, сериска со оптички нишан и стандардна. Финалната конструкција на секоја од овие варијанти ќе биде дефинитивно усвоена врз основа на понатамошните резултати во развојот на овој проект кои ќе се добијат со голем број тестирања, кои пак мораат да ги задоволат и стандардите на Руската Федерација за практично стрелаштво.

Според Сергеј Амбрамов, директор за индустрија во државната корпорација „Ростех“, во сегментот на спортското и цивилното вооружување се создадени услови за активно учество на странските пазари, со други зборови, за извоз. Абрамов исто така рече дека во Русија во моментов со практично стрелаштво се занимаваат околу 10 илјади луѓе, што е двојно повеќе од претходните години (има тенденција на понатамошен раст). Тој, исто така, истакна дека апсолутно не се сомнева дека новиот пиштол (особено ако се земе предвид високиот квалитет на неговата изработка и единствената цена) ќе биде многу баран на рускиот пазар. А ако помине на многу изискувачкиот руски пазар, тогаш „Аспид“ сигурно поминува и на странскиот.

Потсетуваме, во практичното стрелаштво се дозволува употреба на службени пиштоли кои се наоѓаат во стандардното вооружување. Конкретно, руските натпреварувачи интензивно го користат службениот пиштол „Макаров“. Меѓутоа, употребата на службени пиштоли во практично стрелаштво не секогаш дава супериорни врвни резултати. Затоа, по правило, во сите држави службеното оружје има и свои спортски верзии.

Погледнете го ова ВИДЕО: Новиот армиски пиштол „Удав“ првпат демонстриран на пошироката јавност

 

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња