БЕЗ КОМЕНТАР: Погледнете удар на батерија орудија ТОС-1А (ВИДЕО)

Донат Сорокин/TASS
На стратешката командно-штапска вежба „Центар-2019“ големо внимание е посветено на огнената поддршка на оклопно-механизираните единици во нападот. Во таа улога се најде и артилериско-ракетна батерија составена од орудија ТОС-1А „Сонцепјок“. Тие на главниот правец на нападот изведоа концентриран огнен бран што ја опустоши позицијата на условниот непријател.

Стратешката командно-штапска вежба „Центар-2019“ влегува во фазата на кулминација. По одбранбената фаза на битка, на сите единици пред непријателот им беше дадена задача да тргнат во сеопшт контранапад. Притоа во акцијата се вклучија артилериско-ракетните единици на Копнената војска. Покрај нив, беа ангажирани и ескадрили на јуришната и бомбардерската авијација. Сите овие сили извршија масовен удар врз предниот крај на непријателската одбрана. Една од главните улоги за огнена поддршка ја имаа тешките повеќецевни лансери ТОС-1А „Сонцепјок“ со ракети опремени со термобарични боеви глави со калибар 220 мм, пренесува порталот Marsonline. 

Тешкиот повеќецевен ракетен фрлач ТОС-1А во основа е наменет за огнена поддршка на пешадијата и оклопно-механизираните единици. Ефикасен е против непријателската жива сила која се наоѓа на отворено или во засолништа. Може да се користи и против лесна оклопна борбена техника и транспортни средства. Подеднакво е корисен во различни фази на битката. ТОС-1А зад себе има сосем солидно искуство кога е во прашање борбената употреба на овој систем, каде „Сонцепјок“ се истакна во Сирија и Ирак.

ТОС-1А се базира на тенковска шасија и поседува голема мобилност. На оклопниот гасеничар е монтиран повеќецевен лансер кој се состои од 24 ракети кои можат да бидат истрелани за само 7 секунди.

Ракетите што ги користи ова орудие имаат два типа на боеви глави: запаливи и термобарични. Кога ракетата со запалива боева глава паѓа на целта, доаѓа до контакт на запаливата мешавина и воздухот по што настанува нејзино експлозивно активирање. При активирањето на оваа смеса брзо се создава пламен облак со огромна температура, кој го вшмукува целиот кислород околу себе. Ова е особено смртоносно против непријателската жива сила која нема ниту време ниту можност да се заштити од таков напад.

Што се однесува до руската армија, испораката на овие респектабилни копнени борбени средства за огнена поддршка, како и нивните придружни логистички машини за транспорт на ракетите и полнење на лансерите, ќе продолжи и во наредниот период.

За него е планиран и дополнителен пакет модернизација. Од основната верзија на овој тежок ракетен систем, најновата модификација се карактеризира со значително зголемување на оклопната заштита на ова средство. Така одната шасија на овој систем, која е всушност позајмена од ОБТ Т-72 на горниот преден дел и бочните страни е заштитена со плочи со реактивен оклоп. Унапреден е и квалитетот на гасеничната лента, а исто така е зголемена и моќноста на основниот мотор која сега достигнува 840 КС.

Прочитајте повеќе: АКТУЕЛНО: Неименуван извор од руската воена индустрија проговори за новиот систем „Тосочка“

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња