Ударниот КА-52К „КАТРАН“: Какви способности ќе има новиот руски хеликоптер? (АНАЛИЗА)

Twitter © mod_russia
Во Русија завршија земните тестирања на извидувачко-офанзивниот хеликоптер Ка-52К „Катран“. Ова го изјави првиот човек на холдингот „Вертољоти Росии“ Андреј Богински.

Леталото е наменето за операции на огнена поддршка на десант, како и за уништување на морски и на копнени цели. Во неговиот борбен арсенал има наведувачки и ненаведувачки ракети. Во блиска иднина Ка-52К „Катран“ ќе добие нов нападно-навигациски систем, вооружување и поекономични мотори. Хеликоптерите ќе се базираат на палуби на десантните и на патролните бродови на воената морнарица.

Генералниот директор на холдингот „Вертољоти Росии“ Андреј Богински соопшти мошне важна вест која се однесува на завршувањето на земјените тестови на извидувачко-офанзивниот хеликоптер Ка-52К „Катран“. Овој хеликоптер е наменет за опремување на единиците на руската воена морнарица (ВМФ). Во овој момент компанијата води преговори со руското Министерство за одбрана за понатамошно продолжување на опитно-конструкторските работи на овој проект.

„Ја завршивме фазата на тестирање на перспективниот хеликоптер на земја. Моментално не ја започнавме следната етапа на опитно-конструкторската работа. Но, ние сме во интензивна комуникација со Министерството за одбрана и со ВМФ. Досега се комплетирани четири опитни модели. Накусо, целосно сме подготвени да тргнеме во следната етапа опитно-конструкторска работа, заедно со воздухопловството на ВМФ“, вели Богински за Интернет-порталот на РИА Новости на Меѓународниот авиокосмички саем МАКС-2019.

„Катран“ претставува сериозна модификација на познатиот извидувачко-офанзивен хеликоптер Ка-52 „Алигатор“ кој од 2011 година успешно се експлоатира во единиците на армиската авијација. Неговите основни карактеристики се висока маневрабилност, крстосувачка брзина на летот (260 километри на час) и респектабилна носивост на борбено вооружување (2.8 тони)

Ка-52 „Алигатор“

Накусо за основната верзија на хеликоптерот Ка-52 „Алигатор“

Ка-52 „Алигатор“ е наменет за операции на огнена поддршка на копнените единици. Арсеналот на наведувачки и ненаведувачки ракети му овозможува на овој хеликоптер на големо растојание успешно да уништи современа оклопна техника. На неговиот нишан можат да се најдат и фиксни инженерски потпорни точки и жива сила на непријателот во длабочината на фронтот. Благодарение на современата опрема, овој хеликоптер може да изведува ефикасни дејствија независно од тоа за кој дел од денот се работи, во сложени метеоролошки услови. Во 2016 година Ка-52 го имаше своето огнено крштевање и во Сирија.

Во овој момент „Алигатор“ се наоѓа во фаза на модернизирање. По неговото унапредување, хеликоптерот ќе добие нова радарска станица, навигациски комплекс, како и нов систем за управување со оган. Корпусот на леталото ќе биде зајакнат со дополнителен оклоп. Можеби и најголемо зајакнување ќе претставува интеграцијата на ракетниот систем „Хермес-А“. Тој ќе биде составен од наведувачки ракети со дострел од 20 километри.

Во разговор со медиумската куќа РТ учествуваше и заменик-директорот на Центарот за анализа на стратегијата и технологијата Константин Макиенко. Тој рече дека овој хеликоптер ќе биде употреблив повеќе од една деценија и дека ќе стекне извонредна репутација на странскиот пазар.

„Алигатор има огромен потенцијал за модернизација. Ова летало може да се употребува во различни услови. На пример, во Сирија борбените задачи се изведуваат во услови на жега и големо присуство на песок и на прав. Секако Ка-52, како и секоја друга борбена техника, има свои мани, но тие ќе бидат надминати со неговата најнова модернизација“, рече Макиенко, а пренесува српскиот портал Marsonline.

Хеликоптер кој мора да издржи сурова експлоатација на мориња и океани

За потребите на развојот на поморската верзија на хеликоптерот Ка-52 за првпат можеше да се слушне во 2011 година на авиосалонот во Ла Бурже. Тогаш првиот човек на „Рособороноекспорт“ Анатолиј Исајкин ја навести таа можност, додека само еден месец подоцна главниот конструктор на „Камов“ Сергеј Михеев рече дека тој со својот тим се подготвени да го започнат овој проект.

Беше решено неговото склопување да биде реализирано во воздухопловната компанија „Прогрес“ (Приморски регион). Четири години подоцна (на 7 март 2015 година) беше извршен првиот пробен лет на новото летало Ка-52К „Катран“.

Хеликоптерот беше специјално проектиран за употреба од универзалните десантни бродови од типот „Мистрал“ кои тогаш беа нарачани од Франција. Во рамките на договорот кој беше потпишан во 2011 година, Париз беше задолжен да ѝ испорача на Москва два брода од оваа класа под имињата „Владивосток“ и „Севастопољ“. Но, Франција еднострано излезе од овој договор по почетокот на кризата во Украина.

Во август 2015 година Москва и Париз постигнаа компромис во врска со ова прашање. Имено бродовите кои беа наменети за ВМФ на Русија беа испорачани на Египет. Русија за возврат доби парична компензација, а со Каиро потпиша договор за испорака на над 40 хеликоптери Ка-52 и Ка-52К.

„Но, ние во вооружувањето и понатаму го немаме хеликоптерот Ка-52К. Експортната варијанта на овие хеликоптери треба да се адаптира врз основа на барањата на нашата воена морнарица. Веројатно тоа е и причината за продолжувањето на опитно-конструкторската работа на развојот на хеликоптерот Ка-52К“ вели на Интернет-порталот РГ главниот уредник на списанието „Арсенал отечество“ Виктор Мураховски.

Полетната маса на извидувачко-офанзивниот хеликоптер Ка-52К „Катран“ изнесува 12.2 тони. Неговата максимална носивост на товарот е до 2 тони. Хеликоптерот е долг 13.8 метри, ширината (вклучувајќи ги и надворешните крила) е 6.3 метри, Крстосувачката брзина изнесува 250 километри на час, а плафонот на летот изнесува 5.200 метри. Од вооружувањето „Катран“ располага со автоматски топ 2А42-1 со калибар од 30 милиметри, со неуправувачки ракетни зрна С-8, противтенковски наведувачки ракети 9М120-1 „Атака“ или 9А-4172К „Вихр-1“, како и ракети од класата воздух-воздух „Игла-С“.

Главната разлика помеѓу поморската и класичната (копнена) верзија на хеликоптерот Ка-52 е поврзана со механизмот со чија помош се склопуваат лопатките на елисата и крилните конзоли. На овој начин се намалува габаритот на хеликоптерот, што овозможува леталото компактни да се размести на палубата од бродот-носач, или во хангарите.

Поморската верзија има зајакната шасија (за слетување во отежнато метеоролошки услови), а сите главни електронски компоненти и агрегати се премачкани со специјално антикорозивно средство кое е отпорно на високи вредности на влажност во воздухот, салинитетот на водата и слично. Исто така, присутни се и определени разлики во применетата радиоелектронска опрема кај поморската верзија на ова летало.

„Намалените габарити на хеликоптерот Ка-52К „Катран“ овозможува максимално зголемување на бројот на леталата на носечките пловни платформи (носачи на хеликоптер, десантни и патролни бродови). Оклопената пилотска кабина и системот на седишта што се катапултираат им овозможува на пилотите безбедно да го напуштат хеликоптерот. Освен тоа, во хеликоптерот се наоѓа и комплет системи за спасување, кои му овозможуваат на пилотот подолг временски период да мине на отворено/ладно море“, наведува во својот материјал Министерството за одбрана на РФ.

Според информациите од военото министерство, Ка-52К „Катран“ ќе биде опремен со современа радарско-набљудувачка станица. Оваа опрема ќе биде отпорна не електронско попречување. Слични потреби од Министерството за одбрана ќе бидат применети и на воздухопловните борбени средства. Според тоа Ка-52К „Катран“ ќе довие сосема нов инерцијален навигациски систем, кој ефикасно ќе работи во услови на целосно отсуство на ориентир.

„Министерството за одбрана сака борбено летало кое ќе биде целосно способно да ги совлада најсложените услови на експлоатација што ги има во морињата. Посебна важност тука има квалитетниот систем за навигација. Доколку пилотот на хоризонтот не гледа брег или површински пловен објект (се наоѓа во длабочината на отворено море), мошне е тешко да се ориентира во просторот, вклучувајќи и определени прави висини на летот. Еднообразната и рамна морска површина знае да виде мошне лоша работа“, појаснува во својот коментар заслужениот пилот на руската армија, генерал-мајор Владимир Попов.

Квалитет и ефикасност

Главните задачи на извидувачко-офанзивниот хеликоптер Ка-52К „Катран“ се пред сè огнена поддршка на единиците кои изведуваат поморски десант (морнаричка пешадија), и борба против помалите бродови. Овој хеликоптер може да се смести на палубата на противподморничките бродови од класата 1155, на големи десантни бродови, нова класа на патролни бродови, тешкиот носач на авиони „Адмирал Кузнецов“ и перспективните универзални десантни бродови од класата “Прибој“.

Овие хеликоптери ќе бидат набавени во рамките на големата државна програма за вооружување на руската армија до 2027 година. Точното количество летала што ќе ги набави руското Министерство за одбрана засега не е познато. Во Министерството за одбрана укажуваат дека хеликоптерската компонента на ВМФ претставува мошне важен сегмент на вооружените сили. Таа ќе обезбеди квалитетни и ефикасно исполнување на борбените задачи во морската зона.

Една од главните предност на Ка-52К „Катран“ во однос на своите конкуренти се состои во традиционалната коаксиална шема на хоризонтални мотори, по која е позната камовската воздухопловна школа. Таа на хеликоптерот ќе му овозможи да оствари натпросечно ниво на летно-технички карактеристики. Тоа се на пример, високи вредности на брзината во текот на страничното движење кое може да достигне до 80 километри на час, како и нагли промени на правецот кои се случуваат во временски интервал од неколку секунди.

Рускиот воен експерт Владимир Попов смета дека борбеното летало Ка-52 е најдобар модел за развој на палубен извидувачко-офанзивен хеликоптер. Рака на срце, тој рече дека самиот процес за негово создавање не е толку едноставен.

„Сериозните измени не се поврзани само за авиониката што ќе ја користи палубната верзија Ка-52К „Катран“. Неопходно е да се интегрираат и многу поекономичните мотори. За разлика од стандардната варијанта, ефикасноста во потрошувачката на горивото е од клучна важност за специјализираниот тип на летала. Но, јас имам доверба во високата способност на нашите воздухопловни инженери кои успешно ќе одговорат на овие предизвици. Конечниот резултат ќе биде почетокот на сериското производство и испорака на Ка-52К „Катран“ на единиците на ВМФ, а се надевам и на негова продажба на заинтересираните купувачи. Покрај Египет, нашиот хеликоптер има голема перспектива да се најде во армиите на Аргентина, Бразил, Индија и Кина“, вели Попов.

Прочитајте повеќе: Видео: Зошто Ka-52 „Алигатор“ e еден од најдобрите јуришни хеликоптери на светот

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња