Руски научници направија извидувачки сателит тежок 250 кг со силна оптоелектронска опрема

Слободан Ѓукиќ
Вселенскиот апарат ќе биде во состојба непрекинато да надгледува маршрута долга 500 км, поточно, на таа дистанца не постои ништо што може да го пропушти. Покрај него ќе биде претставена макета на слично решение „Кондор- Э“, која ќе има моќна радарска станица.

Воено-индустриската корпорација (ВПК) „НПО машиноградба“ („НПО машиностроения“) во соработка со компанијата МГТУ „Н.Е. Бауман“ првпат на Меѓународниот авиокосмички саем МАКС-2019 ќе претстави мал сателит за далечинско скенирање на Земјата (скр. рус. ДЗЗ). Овој сателит претставува нивен заеднички проект. Нешто повеќе за овој производ кажа генералниот директор и главен конструктор на „НПО машиноградба“ Александар Леонов.

„Првпат ќе биде претставен мал космички апарат кој заедно го направија компаниите АО „ВПК „НПО машиноградба“ и Младинскиот космички центар МГТУ „Н.Е. Бауман“, рече Леонов, пренесува интернет-порталот ТАСС.

Според него, „овој сателит ќе се одликува со исклучително моќна оптоелектронска опрема која непрекинато ќе може да надгледува маршрути во должина и до 500 км. Масата на апаратот ќе изнесува околу 250 кг, а висината во однос на површината на Земјата ќе се движи во опсег од 500-700 км. Неговата должина на употреба нема да биде помала од пет години“, рече првиот човек на „НПО машиноградба“.

„Оваа година, на заедничкиот штанд со корпорацијата „Тактичко ракетно вооружување („НПО машиноградба“ е составен дел на оваа корпорација, заб. на прев.) ќе демонстрираме макета на вселенскиот апарат„ Кондор-Э“, кој ќе ја скенира Земјата со помош на интегриран радарски уред, како и мобилниот крајбрежен ракетен комплекс „Бастион“. Во рамките на делокругот на работа од областа на цивилната индустрија, ќе го претставиме сончевиот колектор „Сокол-Ефект“, нагласи Леонов.

Леонов исто така рече дека на штандот на руско-индиската компанија BrahMos ќе бидат претставени различни модели на модификацијата на крстосувачката ракета BrahMos и нејзините платформи за носење и употреба. „На надворешната страна на штандот ќе биде прикажана макета на воздухопловната верзија на ракетата BrahMos во реална големина“, го заклучи своето излагање директорот на „НПО машиноградба“.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња