Кинезите за рускиот тенк Т-72: Рекордната брзина од 84 км/ч нема да му притреба во пракса

Олга Соколова/Global Look Press
Завршија „Армиските игри 2019“ на кои екипата на Кина постигна одличен успех. Кинеските експерти ги оценија учесниците и натпреварувањето, а посебно рускиот тенк Т-72 кој учествуваше во „тенковскиот биатлон“.

На 17 август во Подмосковје беа затворени „Меѓународните армиски игри 2019“. Ова натпреварување се одржува по петти пат, а годинава беше најпосетувано. Кинескиот тим го зазеде второто место по бројот на освоени награди. Експертите сметаат дека од постигнатите резултати далеку поважно е изнаоѓањето на разликите помеѓу кинеската армија и нејзините моќни ривали за време на практичните дејствија, пишува кинеското издание „Хуанџиу Шибао“. 

Тие велат дека не треба многу да се обрнува внимание на конечниот резултат од натпреварувањето и дека на Кинезите им е многу поважна размената на искуствата, идентификувањето на своите недостатоци и понатамошното усовршување на сопствената армија.

Кинескиот весник „Хуанџиу Шибао“ пишува дека „Армиските игри“ се одржуваат во услови слични на борбените дејствија, но сепак значително се разликуваат од вистинското војување. Во одделни дисциплини, велат Кинезите, театралноста е ставена во прв план на штета на веродостојноста, а правилата не можат да се споредат со начинот на кој се водат вистински борбени дејствија. Општо земено, споменатиот весник забележува дека „Армиските игри“ се насочени кон демонстрирање на вештините на поединците. Се вреднуваат само елементарните методи кои немаат ништо заедничко со оперативните и тактичките вештини.

Според кинеските експерти, резултатите од конкуренцијата биле под влијание на два фактори. Првиот е корелацијата помеѓу техниката и екипажот. Не беше дозволена примена на одделни нови модели на напредно вооружување, но од друга страна, токму на попримитивна опрема најдобро се проверуваат вештината и обученоста. Во дисциплините каде се користеше потполно истата техника, имаше големи разлики во резултатите, што значи дека не сите екипи беа подеднакво добро подготвени.

Вториот фактор е усогласеноста на техниката со правилата на натпреварувањето. Екипите користеа техники и оружје со различна конструкција и карактеристики. На пример, тенкот Т-72 со кој екипата на Русија се натпреваруваше во „тенковскиот биатлон“, разви брзина од 84 километри на час и ја мина трасата за 1 час, 33 минути и 20 секунди. Покрај тоа, неговиот систем за управување со огнот добро се покажа во гаѓањето неподвижни цели. Кинескиот тенк 96В не можеше да развие толкава брзина. Сепак, весникот „Хуанџиу Шибао“ укажува на фактот дека во воени услови тенкот нема причина да се движи побрзо од 80 км/ч. Како пример се наведуваат западните тенкови од трета генерација кои првично развиваа брзина од 70 км/ч, но по засилувањето на оклопот станаа потешки и уште побавни.

Кинеските експерти тврдат дека и победата и поразот на кинескиот тим ќе се третираат како успех, бидејќи понекогаш токму поразот е најголемото достигнување, затоа што ги манифестира сите постојни проблеми: „Ние извлекуваме поука од поразот, се усовршуваме и ја подобруваме нашата техника и нашите вештини“.

Погледнете го видеото: Т-72 - најдоброто од СССР

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња