Приказ на советската автоматска интерпланетарна станица „Луна 16“ (еквивалент на станицата „Луна 15“)
Б. Борисов/SputnikДали знаевте дека Нил Армстронг, Баз Олдрин и Мајкл Колинс не биле сами на Месечината? Можеби и не сте знаеле, затоа што веста за првите луѓе на Земјиниот сателит потполно ја засени приказната за неуспехот на Советскиот Сојуз. Дури и во она време за советската мисија „Луна 15“ знаеја само луѓето одговорни за тој проект. Тоа фактички беше „последниот воз за Месечината“ на кој СССР се обиде да се качи.
Интерпланетарната станица „Луна 1“ во павилјонот „Космос“ на изложбениот комплекс ВДНХ.
Александар Моклецов/SputnikСоветскиот Сојуз имаше грандиозни планови поврзани со одење на Месечината и проучување на сателитот на Земјата на самото место. Космичката програма „Луна“ подразбираше лансирање на интерпланетарни вселенски апарати во правец на Месечината, а се појави во 1958 година, во времето кога НАСА сè уште не пристапи кон програмата „Аполо“. Првиот лет на човекот во вселената во 1961 година само ја зајакна самоувереноста на Советскиот Сојуз и убедувањето дека тој мора да биде прв и во сè друго. Некое време сѐ се одвиваше во таа насока.
Во четвртиот обид беше лансирана станицата „Луна 1“. Тоа беше првиот вселенски брод што ја напуштил Земјината орбита (додуша, прелета покрај Месечината). „Луна 3“ во 1959 година ја направи првата фотографија на темната страна на Месечината. Во рамките на оваа програма имаше и други успеси - првиот вештачки објект пристигна на Месечината и првата сонда успешно се спушти на површината на Месечината.
„Луна 15“ беше петнаесеттата официјална мисија, иако фактички тоа беше триесет и прво лансирање. Многу апарати дури и не стигнаа до орбитата на Земјата, а некои стигнаа, но и останаа во неа. Советското раководство никогаш не брзаше да ги обелодени своите неуспеси. Беше јасно дека уште многу нешта треба да се усовршат. Меѓутоа, кога на 16 јули 1969 година беше објавено дека американскиот „Аполо 11“ носи луѓе на Месечината, Советскиот Сојуз одлучи да дејствува без одлагање.
Не стануваше збор за испраќање луѓе, но постоеше начин чашата со жолч да се заблажи со лажица мед. Апаратот „Луна 15“ требаше прв да земе примероци од почвата на Месечината и да ги донесе на Земјата. Оваа цел беше чувана во строга тајност, а стартот на „Луна 15“ беше специјално преместен за три дена претходно, за советскиот вселенски брод да тргне порано пред Американците.
Космонаутот на СССР Герман Степанович Титов (десно) и американскиот астронаут Френк Фредерик Борман (во средина) во кабинетот на Јуриј Гагарин претворен во музеј. Центар за обука на космонаути „Ј. А. Гагарин“, Ѕвезден град, 1.7.1969.
Александар Моклецов/SputnikНАСА ја третираше оваа советска мисија како многу чуден потфат, бидејќи во исто време во близина на Месечината ќе се најдеа два објекта кои пренесуваат радиосигнали до Земјата. Особено беше загрижувачки тоа што Американците не знаеја никакви детали за летот на „Луна 15“. НАСА се плашеше поради несаканите пречки, па дури и го испрати во Советскиот Сојуз командирот на „Аполо 8“ Френк Борман. Тој му беше наклонет на СССР и беше првиот американски астронаут што го посетил Советскиот Сојуз. Борман ја донесе дома информацијата дека нема да има проблеми.
На почетокот навистина сè се одвиваше според планот. Советската станица тешка пет тони (тогаш тие беа многу гломазни) се приближи до Земјиниот сателит на 17 јули, три дена пред конкуренцијата, и влезе во орбитата на Месечината. Меѓутоа, тогаш започнаа проблемите. Поради некоја причина, вселенскиот брод се задржа во орбитата на Месечината до пристигнувањето на „Аполо 11“. Постојат неколку можни објаснувања, од дефекти на бродот до гравитационото поле на Месечината и неговата површина која сé уште не беше добро проучена. Советските стручњаци грозничаво бараа оптимално решение за што подобро спуштање на бродот на тлото на Месечината.
Во тоа ги затече веста дека американските астронаути се спуштиле на Месечината. Додека Американците се шетаа по Месечината и собираа примероци од нејзината почва, „Луна 15“ 52 пати облета околу Земјиниот сателит. Два часа пред полетувањето на „Аполо 11“ од Месечината, советското раководство одлучи: сега или никогаш. И беше наредено советскиот брод да се спушти на Месечината.
„Аполо 11“, Баз Олдрин покрај екранот на соларниот колектор.
NASAЦелата таа драма ја следеа британските научници од Опсерваторијата „Јодрел Банк“. Тие со помош на радиотелескоп ги слушаа разговорите на двете мисии – и на американската и на советската. Аудиоснимката на тие разговори беше објавена 2009 година по повод 40-годишнината од слетувањето на Месечината.
Во еден момент стручњаци на британската опсерваторија сфатија дека „Луна 15“ нема намера само да ја фотографира површината на Земјиниот сателит, туку се подготвува да се спушти на Месечината. Некои тогаш извикнале: „Се спушта!“ Последните зборови на аудио записот се: „Ова е вистинска драма од највисок степен“.
Вселенскиот брод „Луна 15“ почна да се спушта. По четири минути удри во падината на една височинка на површината на Месечината и се распадна (неговите остатоци останаа таму каде што падна). Подоцна историчарот на вселената Асиф Сидики во својата книга „Предизвик за Аполо“ напиша:
„Постои извесна доза на иронија во целата таа мисија. Дури и ако немаше критична задршка во обидот за слетување на Месечината, која траеше осумнаесет часа, и дури и „Луна 15“ да слеташе среќно и да земеше примероци од почвата, а потоа безбедно да се вратеше на Земјата, нејзината мала капсула ќе се приземјеше на советска територија два часа и четири минути по враќањето на „Аполо 11“. Во суштина, таа трка беше загубена и пред да започне“.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче