Си-Ен-Би-Си тврди дека „развојот на овие ракети е исклучително скап проект“, при што сѐ уште не е решено стабилното снабдување со напредните материјали неопходни за нивна изработка, пренесува интернет-порталот „Взгљад“.
Во САД сметаат дека наредната година првиот „Авангард“ ќе влезе во вооружувањето¹ на Ракетните сили за стратешка намена (РВСН). Како што пренесува американскиот медиум Си-Ен-Би-Си, „Авангард“ ќе ѝ овозможи на Русија „да ги претекне САД и НР Кина во оваа област“.
Претходно претседателот на Руската Федерација Владимир Путин во својот историски говор одржан на 1 март 2018 година рече дека системот „Авангард“ е способен во густите слоеви на атмосферата да оствари интерконтинентален домет, при што може да развие брзина која е дури 20 пати поголема од брзината на звукот. Неодамна рускиот вицепремиер за одбрана Јуриј Борисов истакна дека е потпишан договор за сериско производство на првата партија боеви блокови за стратешка намена „Авангард“.
Овие „болиди“ главно ќе бидат вооружени со термонуклеарни боеви глави, но ќе можат да уништуваат различни цели и со примена на „сува“ кинетичка енергија. Благодарение на своите летечко-технички карактеристики, овој систем радикално ќе ја зголеми вкупната должина на својот лет (ефективниот домет), што е особено важно при избегнувањето на зоните каде што се присутни системите на непријателската противракетна одбрана.
¹Првиот ракетен полк за стратешка намена кој ќе биде опремен со ракети „Авангард“ ќе стапи на борбено дежурство во Домбаровската дивизија што се наоѓа во Оренбуршката област. Токму единиците на оваа дивизија извршија успешно пробно лансирање на оваа ракета. За време на тестирањето хиперсоничниот крстосувачки блок изведе сложена траекторија на летот и успешно ја погоди условната цел на полигонот Кура. Веднаш по успешното завршување на практичното испитување на „Авангард“ претседателот на руската држава ги поздрави сите луѓе кои работат на создавањето на ова оружје што е пред своето време, како и војниците кои успешно ги реализираа сите поставени задачи.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче