Американски научници имаат намера да ги оживеат мамутите и да ги населат во Сибир

Getty Images

Американските научници од Универзитетот во Харвард и во Калифорнија одлучија со примена на генетскиот инженеринг да го оживеат волнестиот мамут кој изумрел пред десет илјади години.

Како што пренесуваат руските медиуми, Џорџ Черч од Харвард и неговиот тим научници имаат намера да внесат делови од ДНК геномот на замрзнати остатоци од мамут во јајце-клетки на слоница, очекувајќи дека на тој начин ќе создадат потполно ново животно.

„Се обидуваме да добиеме слон кој ќе биде отпорен на студ. Би можеле да ги намалиме бивните за да спречиме криволов“, истакна Черч.

Научниците планираат да го населат новото животно во Сибир. Имено, тие сметаат дека големите ненаселени подрачја во Русија можат да претставуваат одличен екосистем за овој слон со карактеристики на мамут. Освен тоа, според мислењето на Черч, новите мамути би придонеле за забавување на климатските промени, така што со нозете би го набиле снегот и би го спречувале топењето на тлото.

Раководителот на Плеистоценскиот парк во североисточна Јакутија Никита Зимов вели дека со нетрпение ги очекуваат резултатите од овој експеримент, признавајќи дека со цел борба против климатските промени се потребни илјадници од овие животни.

Во март оваа година тимови од руски и јапонски научници успеаја да оживеат клетки на женката-мамут Јуке која ја населувала Јакутија пред 28 илјади години.

Мамутите, кои се појавиле во плиоценот, ги населувале Европа, Азија, Африка и Северна Америка. Тие достигнувале висина од 5,5 метри и тежина од 10 до 12 тони. Повеќето изумреле пред околу десет илјади години во последното ледено доба, во постариот дријас, за што постојат две претпоставки. Според првата, решавачка улога имале ловците од Горниот палеолит, а според втората, до изумирањето дошло поради брзата промена на климата пред околу 10-12000 години, кога снемало храна за мамутите.

Прочитајте повеќе: Во Русија пронајдена глава на волк замрзната 40 илјади години

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња