Крстосувачот што ќе носи 80 „Циркони“: Во САД ја оценија модернизацијата на ТАКР „Адмирал Нахимов“

ТАКР „Петар Велики“

ТАКР „Петар Велики“

Лав Федосеев/TASS
По модернизацијата на тешкиот нуклеарен ракетен крстосувач (рус. ТАКР) „Адмирал Нахимов“, Русија според степенот на огнената моќ во своето вооружување ќе го има веројатно најмоќниот воен брод на светот. До овој заклучок дојде американскиот магазин Military Watch врз основа на анализата на неговата потенцијална модернизација.

Во согласност со барањата на Министерството за одбрана на РФ, на бродот ќе биде обновен основниот систем за ПВО. Ракетниот систем С-300Ф „Форт“ ќе биде заменет со бродската варијанта на системот С-400 „Триумф“. Ова ќе му овозможи на модернизираниот крстосувач да соборува аеродинамични и балистички непријателски цели на растојанија до 400 км. Притоа тие цели можат да имаат „стелтни“ карактеристики, како и да се движат со хиперсонични брзини. На овој начин ќе биде многу тешко да се загрози овој брод (или група бродови кој овој ПВО-систем ја покрива) со примена на убојни средства за воздушен напад, пренесува интернет-порталот РГ.

Количината на лансирни единици во рамките на ПВО на бродот ќе достигне бројка од 96. Ова е најголем арсенал ракети од класата „земја/вода-воздух“ што се наоѓа на еден брод. Покрај ракети со голем дострел, руските конструктори планираат да извршат и соодветни подобрувања и на системите за ПВО со мал и среден дострел. Хибридните ракетно-топовски модули за блиска заштита на бродот „Кортик“ ќе ги замени унапредениот „Панцир-МЕ“, додека системите „Оса-М“ ќе ги замени ракетниот комплекс со среден дострел „Редут“. Американскиот портал заклучува дека ако ВМ на САД во близок временски период не ги замени своите основни ударни противбродски крстосувачки ракети „Харпун“ и „Томахавк“, борбата против вака наоружани броди однапред ќе биде осудена на неуспех.

Што се однесува до компонентата на обновениот руски тежок атомски крстосувач „Адмирал Нахимов“, тука може да се очекуваат уште поголеми промени. Основната верзија на овој брод досега беше вооружена со 20 противбродски ракети П-700 „Гранит“ наменети за „лов на носачи на авиони“. Со суперсонична брзина од 2,5 маха и ефективен дострел од 625 километри, тие и во современи услови на поморска битки и тоа како се корисни. Модернизираната верзија на овој брод ќе има далеку пошироки опции во однос на ова прашање, што се рефлектира во употребата на противбродски проектили од различна класа. Во исто време, нивниот борбен комплет ќе биде проширен од 20 на дури 80 вертикални универзални лансери во кои ќе има простор за современите ракети „Калибар“, „Оникс“, но и за перспективната хиперсонична ракета „Циркон“, која и понатаму се наоѓа во завршната фаза на тестирање. Истовремено речиси е извесна интеграцијата на современи радарски станици и напредни електронски компоненти кои во зависност од моменталната ситуација ќе овозможат далеку поширок спектар на употреба на вооружувањето на овој брод.

И на крај, авторите на овој текст заклучуваат дека модернизираниот ТАРК од класата 1144 „Орлан“ (наскоро ќе биде ремонтиран уште еден брод од оваа класа - „Петар Велики“) ќе ѝ донесе на руската воена морнарица сериозно унапредување на борбените способности со значително помали севкупни трошоци отколку бродовите да се градат од нула. Покрај тоа, целиот процес ќе биде и значително побрз.

Напомена

Тешкиот нуклеарен ракетен крстосувач „Адмирал Нахимов“ се наоѓа во вооружувањето на Северната флота. Спаѓа во класата бродови 1144 „Орлан“. Овој крстосувач е воведен во експлоатација на 30 декември 1988 година. Неговиот полн депласман достигнува 24300 тони, а посада се состои од 727 офицери и морнари. Вооружен е со голем број системи за различна намена (протовибродски, противвоздухопловни, противподморнички, системи за огнена поддршка). На палубата има хелиодром со капацитет за три хеликоптери Ка-27ПЛ наменети за откривање и борба против непријателски подморници. Во овој момент бродот се наоѓа во фаза на ремонт во бродоградежниот завод „Севмаш“. Завршувањето на ремонтот и неговата модернизација се планирани за крајот на 2022 година.

Прочитајте повеќе: Пристигнува во 2022 годинa: Тешкиот атомски крстосувач „Адмирал Нахимов“ ќе биде максимално вооружен

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња