Нуклеарниот Ермитаж тргнува во поход

Тешки нуклеарни ракетни крстосувач „Адмирал Нахимов“. Фото: ИТАР-ТАСС.

Тешки нуклеарни ракетни крстосувач „Адмирал Нахимов“. Фото: ИТАР-ТАСС.

Министерството за одбрана на РФ ќе потроши 5 милијарди рубли за поправка и за модернизација на бродот „Адмирал Нахимов“, еден од најмоќните руски тешки нуклеарни ракетни крстосувачи од проектот 1144, тип „Орлан“. „Адмирал Нахимов“ мируваше 25 години, а сега е решено тој да биде претворен во најмоќниот воен брод на руската флота. Москва очекува дека по модернизацијата ќе добие крстосувал кој ќе може да ги штити интересите на Русија во светскиот океан.

„Адмирал Нахимов“ е еден од рудиментите на студената војна. Неговата изградба започна во 1983 година во Ленинград со намера бродот да биде противтежа на американските носачи на авиони. Главно оружје му беа 24 суперсонични крстосувачки ракети „Гранит“ со нуклеарни глави и систем за вештачка интелигенција. Овие ракети можеа да потопат каква било групна или поединечна цел на море, а самиот крстосувач беше недостижен за непријателските ракети и за авијацијата, зашто поседуваше цел арсенал од 96 ракети од противавионскиот систем со далечен домет „Форт“ (еквивалент на копнениот систем С-300ПМУ), 128 ракети од противавионскиот систем „Кинжал“ (еквивалент му е „Тор“), 2 лансирачки рампи од противподморничкиот систем „Водопад“ и 6 лансери од ракетно-топовскиот протовозудешн систем „Кортик“ со краток домет. „Кортик“ содржи ракетен лансер сличен на противавионскиот ракетен систем „Игла“ и два топа со брзо испукување со шест цевки кои морнарите на шега ги нарекуваат „секачи“, зашто исфрлаат над 1.000 проектили во минута и буквално ја сечат целта на парчиња. Во арсеналот на крстосувачот предвидено е и чисто артилериско вооружување: автоматски топ со две цевки АК-130 (кратенката АК во овој случај значи „автоматски бродски“ и нема врска со автоматот Калашников) и системи за плотунски оган за борба против непријателските подморници и поморските диверзанти.

„Пловечки Ермитаж“

Сериозна дилема за носачите на авиони
Експертите не се сомневаат дека Русија ги поседува неопходните технологии и специјалисти, но констатираат дека цената за оваа работа е многу висока.

Сета таа огнена моќ е сместена на еден толку импозантен труп. Главниот конструктор на бродот Генадиј Старшинов со гордост своето дело го спореди со Ермитаж – санктпетербуршкиот музеј, најголем на светот – или со огромна десеткатница на која шест ката ѝ се наоѓаат под вода. Бродот е долг 250 метри, а широк 29 метри. Има над 1.500 простории за различни намени – според бројот и површината тој е поголем и од Ермитаж. Посадата (околу 900 члена) е сместена во еднокреветни и во двокреветни офицерски кабини и во простории со шест до триесет кревети за морнарите. Бродот поседува сауна со базен во должина од 6 метри, туш-кабини и неколку парни бањи за морнарите. Офицерите имаат на располагање салон со шанк-столчиња и клавир, а морнарите клуб кој собира 200 лица и може да служи како спортска сала, опремена со современи тренажери. Бродот има и амбуланта на две нивоа, сопствено ТВ студио и печатница. „Адмирал Нахимов“ може да помине 60 дена во режим на автоматска пловидба без дополнително снабдување.

„Дајте некој денар за крстосувачот“

До почетокот на деведесеттите години од минатиот век крстосувачот достоинствено го претставуваше СССР на морињата и на океаните ширум светот, но поради проблем со реакторот и започнатите промени во земјата долго време стоеше укотвен во Североморск, главната база на Северната флота. Од базата бродот можеше да замине само како старо железо, против што со сите сили се бореа ветераните на воената морнарица и на воената индустрија, зашто сметаа дека во современа Русија повеќе нема да можат да се градат вакви бродови, што значи дека треба да се сочуваат оние што веќе постојат. Дури беше создаден и добротворен фонд, но тој не можеше да ги собере потребните пари за поправка на бродот.

Во меѓувреме се измени и претставата на военото раководство за улогата на воената морнарица во системот за безбедност на земјата. Тогашниот командант на воената морнарица, адмирал Владимир Куроедов, на почетокот на веков дури и соопшти дека Русија наместо океанска ќе развива крајбрежна флота, чија цел ќе биде само одбрана на територијалните води.

Дел од големата игра

Одлуката крстосувачот да се врати во составот на воената морнарица, според мислењето на професорот Вадим Козјулин од Академијата за воени науки, е донесена во согласност со тежнеењето на Кремљ (повторно) да стане политичка противтежа на Белата куќа, односно да се врати во клубот на водечките светски сили, како и со неопходноста да се бранат арктичките води, богати со фосилни горива, и „далечните“ територии на Балтичко море (Калининградска област) и на Пацификот (Курилските острови). За таа цел од Франција се купени два големи десантни носачи на хеликоптери од типот „Мистрал“ и забрзано се работи на создавање новиот палубен ловец МиГ-29К со кои ќе биде вооружен „Адмирал Кузнецов“ – единствениот преостанат крстосувач во руската воена морнарица кој во исто време е и носач на авиони. Сево ова се случува во контекст на актуелните разговори за создавање поморски бази во странство, односно во Виетнам и во Венецуела.

„Секој носач на хеликоптери или авиони треба да има вооружување за одбрана“, вели Игор Касатонов, поранешен заменик-командант на воената морнарица. „За овие задачи своевремено беа конструирани и крстосувачите од проектот 1144.“

Се планира модернизираниот крстосувач „Адмирал Нахимов“ да виде воведен во оперативна употреба до 2018 година. Дотогаш флотата ќе добие и два десантни носачи на хеликоптери, а ќе биде исполнет и договорот за испорака на палубни ловечки авиони за крстосувачот „Адмирал Кузнецов“, кој воедно е и носач на авиони. Така Русија ќе добие две океански ескадри кои ќе можат долго да престојуваат оддалечени од бреговите. Секако, нивната ударна моќ не може да се споредува со американската флота, но, како што смета професорот Вадим Козјулин од Академијата за воени науки, ескадрите ќе бидат доволно моќни за Вашингтон да може да ги сфати сериозно.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња