Русин воодушевен од вниманието на Илон Маск: Цел свет слушна за мене

Наука и технологија
RUSSIA BEYOND - МАКЕДОНИЈА
Студентот Сергеј Артјушенко, кој својата „Лада“ ја преправи да изгледа како да се движи наназад, не очекуваше дека ќе го привлече вниманието на Илон Маск, првиот човек на компаниите SpaceX и Tesla.

„Уживам во таквите идеи, сакам да правам нешто и преправам. На оваа идеја дојдов пред година дена и постојано нешто одложував. Тогаш најдов пари, ја купив колата, ја преправив, тргнав да се возам и се прославив“, вели Артјушенко.

Тој објасни дека целата работа траела две вечери. А уште еден ден бил потребен да се зајакне конструкцијата, да се преработи придушувачот на звукот и да се направат браниците. Поголемиот дел од работата го направил сам, но со помош на другарите. Преработката на автомобилот го чинела илјада рубли (околу 13,5 евра).

„Јас сум всушност самоук... Умеам да заварувам и сите работи беа бесплатни, а што се однесува до материјалот: потрошив 10 мали дискови за брусилката и потрошен материјал за плазмениот секач, вкупно околу 200-300 рубли, а ако се земат сите детали предвид, не е повеќе од илјадарка. Самата кола чини 16 илјади рубли (215 евра)“, рече тој.

За реакцијата на Илон Маск дознал од новинарите.

„Се враќав од продавница, и еден новинар ми јавува дека ме видел Илон Маск. Веднаш се сетив на мемовите „како ти се допаѓа ова, Илон Маск“ и сфатив дека тоа сега се однесува на мене! Веќе три часа како дознав за тоа и не можам да сфатам што се случува. Сакав да се прославам во својот град, во регионот, најмногу во Русија, но да слушнат за мене луѓе ширум светот, тоа е веќе премногу“, признава тој.

Артјушенко соопшти дека знаел дека ќе мора да одговара за преправањето на автомобилот.

Автомобилот треба да помине повторна експертиза, која ќе утврди дали може да се движи по автопат или регистрацијата мора да биде поништена.

„Нема да го враќам во првобитната состојба, не се исплаќа. Стекнав светска популарност. Најпрвин мислев да ја продадам колата, но се премислив. Нека остане како симбол, можеби можам да го дигнам на покривот на гаражата, да се знае каде сум и кој сум“, рече студентот.

Тој додаде дека при првата експертиза успеал да докаже дека колата се движела нанапред. Првично сакале да го казнат за возење во рикверц.

Илон Маск, директорот на компаниите Tesla и SpaceX, претходно ја коментираше објавата на телевизијата НТВ на „Твитер“ за  автомобил марка „Лада“ кој се движи наназад. „Ха-ха, закон“, напиша тој на руски.

После тоа полицијата го казни возачот.