Пет главни мита за легендарниот „Калашников“

Legion Media
Време е да урнеме некои заблуди за познатиот автомат со помош на ригорозни проверки на факти.

Постојат еден куп легенди за најпопуларното оружје на светот – автоматската пушка „Калашников“ (АК). Досега се појавуваа гласови дека го нема конструирано господинот Калашников, ами Германците (чија технологија, наводно, ја украле Русите), дека оружјето е непрецизно на оддалеченост од над 300 метри итн. Наведуваме пет најпопуларни заблуди, како и вистини за АК.

Мит 1: Калашников е копија на германскиот StG 44

Да, ова оружје изгледа слично, а германската пушка советските војници често ја земале како трофеј на крајот од Втората светска војна.

Но, првиот „германски Калашников“ паднал во рацете на советската војска дури во 1944 година. Од друга страна, до 1943 година конструкторот Алексеј Судаев на Црвената армија веќе му ја имаше претставено првата варијанта на автоматската пушка која по неговата смрт ја доврши Михаил Калашников. Овој автомат во 1947 година ќе победи на тендерот за снабдување на армијата со сопствена пушка.

Во раните педесетти години од минатиот век Данците беа обвинети дека го копираат Калашников и дека прават сопствена офанзивна пушка за единиците на НАТО наречена „Madsen LAR“.

Клучната разлика помеѓу АК и германскиот StG 44 е очигледно внатре во самите пушки – тие имаа целосно различни механизми и магацини за муниција (со други зборови, нивните рамки не се заемно компатибилни). Освен тоа, обете имаат „сопствена“ конфигурација на склопување и расклопување, а да не ги споменуваме и надворешните разлики на пушките.

Но, не треба да се биде неблагодарен: германските конструктори навистина имаат свој придонес во развојот на советската офанзивна пушка. По руската победа во Втората светска војна, конструкторското биро на Хуго Шмајзер е префрлено во Ижевск каде помогнало во унапредувањето на пушката АК-47.

Мит 2: Калашников е единствен и нема ривали

Да, Калашников е добро оружје и претставува еден од симболите на револуцијата и на борбата за независност на цела низа земји од целиот свет, и тоа благодарение на едноставноста на својата конструкција, на ефикасноста, лесното производство и одржувањето.

Но, „платформата“ на Калашников не е единствена. Чесите, со својата јуришна пушка „Čermak Sa vz. 58“, дојдоа до слични технички решенија.

Оваа пушка е речиси плукнат клон на АК, но нејзиниот механизам функционира на поинаков начин. Освен тоа, како и во случајот со германскиот StG 44, може да користи само свои рамки за муниција.

„Sa vz. 58“ имала долг живот – во Источна Европа е користена до 2010 година. Но, таа никогаш не станала светски славна на начинот на кој тоа успеал да го направи Калашников од едноставна причина што не била толку сигурна како АК-47.

Мит 3: Калашников не е прецизен на оддалеченост од над 300 метри

Погодувањето на целта на таа оддалеченост не е лесна работа, но, на доброобучените војници не им е проблем да погодуваат цели ниту од 400 метри. Работата е само во тоа како е конфигурирана пушката, односно дали е прилагодена на начинот на кој е зголемена прецизноста.

Покрај прилагодувањето, прецизноста на Калашников е подобрена и со усвојување на сличен принцип кој се користи кај снајперското вооружување – на целта не се пука директно, ами се користи лачна траекторија. Се нишани благо настрана и нагоре, во зависност од ветрот, од воздушниот притисок и од оддалеченоста. Сето тоа не звучи едноставно, но секој професионален стрелец знае дека при дејствие на големи далечини климатските услови и способноста за прилагодување кон истите играат голема улога во прецизноста.

Мит 4: Офанзивната пушка Калашников отсекогаш била совршена и била обожувана уште од почетокот

Моделот од 1947 година добро се покажа на тестирањата, но познатата репутација на сигурност и издржливост на Калашников е резултат на внимателното дотерување во 12 години кои следувале.

АК каков што денес го знаеме е модел од 1959 година кој самиот Калашников го подобрил, отстранувајќи ги недостатоците што ги открила војската. Меѓу нив имало недостатоци поврзани со сигурноста и издржливоста – првата верзија на пушката брзо се валкала и се расипувала. Нејзината прецизност исто така претставувала проблем – на конструкторот му било ставено на знаење дека доаѓа до значително раштркување на куршумите за време на огнот. Сево ова морало да биде дотерано.

На крајот дури и по корекцијата на прецизноста на АК и понатаму била инфериорна во споредба со директниот конкурент што тогаш НАТО го користел. Но, АК имал поголема ударна моќ и поголема сигурност, дури и во кал, на дожд и во снег.

Мит 5: Михаил Калашников самиот го смислил АК

Ова не е вистина. Веќе делумно одговоривме на ова прашање, но ајде да го сумираме.

Калашников навистина бил брилијантен конструктор на оружје, но под негов надзор работел цел тим луѓе. Самиот проект АК претставувал развој и продолжување на идејата на Судаев од 1943 година, помогната со умешноста на Германците од Шмајзеровото биро кон крајот на четириесеттите и почетокот на педесеттите години од минатиот век.

Според тоа, АК не е олицетворение на ингениозноста на Калашников, ами и резултат на работата на цела армија конструктори и инженери.

Прочитајте исто така: Југословенски „калашников“: Копија на легендата или легендарна копија?

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња