Југословенски „калашников“: Копија на легендата или легендарна копија?

Матеј Крижанец
Автоматот на Михаил Калашников е најпознатата и најзастапената автоматска пушка на светот. Токму затоа оригиналот и доживеа многу домашни и странски верзии. Во овој текст ќе посветиме неколку зборови за неговата југословенска верзија чие производство започна во седумдесеттите години од минатиот век

Оружјето од руско/советско потекло стана главно обележје на војските на социјалистичките земји на истокот и на југот од Европа по Втората светска војна. По војната советското оружје брзo се прошири надвор од границите на татковината и во рок од неколку години се појавија бројни копии. Некои земји беа поуспешни од други во тоа.

Меѓу оружјето кое веројатно најмногу се копираше беше легендарниот автомат на Калашников АК-47. Поради сигурноста, практичноста и отпорноста оваа пушка набрзо стана мошне популарна на речиси сите континенти од светот. Робусниот калашников се копираше од Кина до Романија, а Југословените кон крајот на шеесеттите години од минатиот век одлучија да направат своја варијанта.

Припадници на Југословенската народна армија со пушките М70.

Резултат од развојот на домашните производители на оружје

Во 1964 година „Заставаоружје“ од Крагуевац започна да работи над калашниковот. По три години се појави автоматска пушка со калибар 7.62џ39 мм под назив М67. Пушката беше произведена во две варијанти (со фиксен и со кундак на склопување). Во 1968 година производителите во Застава осмислија и подобра верзија на домашниот „калашников“.

Две години подоцна, во 1970, раководството на југословенската војска даде зелено светло за сериско производство на АП М70 (автоматска пушка модел од 1970). М70А, верзијата со кундак што се склопува, стана стандард на југословенската војска. Оваа одлука доведе до тоа М70 да стане веројатно единственото семејство автоматски пушки кај кои производителот има направено неколку варијанти со фиксен и кундак што се склопува.

Пушката по распадот на заедничката држава беше зачувана во војските на сите поранешни југословенски републики како примарно автоматско оружје на пешадијата речиси до денес. Дури и словенечката војска, која набрзо по влегувањето во НАТО во вооружувањето воведе јуришна пушка од белгиско производство, најави дека ќе ги користи речиси отпишаните пушки М70 поради рестрикција на воениот буџет пред две години. Причината е веројатно скапата муниција за белгиската пушка FN 2000.

Разликата е во деталите

Во што е разликата помеѓу југословенската „помлада сестра“ на легендарниот АК-47 и неговата модернизирана верзија АКМ? Обете пушки на прв поглед се слични, но југословенската варијанта има значајна визуелна разлика: три наместо два отвора за ладење на предниот дел од пушката.

Тромблонскиот додаток: една од најголемите разлики на М70 и оригиналот

За разлика од АКМ и другите верзии, М70 може да испука тромблонски мини. М70 побрзо испукува куршуми, има нешто поголем дострел и поголема прецизност. М70АБ гаѓа цели на 500 метри со брзина на испуканото зрно од 720 м/с.

Југословенската верзија, од друга страна, има и недостаток на кој се дава различен степен на важност. Цевката не е хромирана. Поради тоа М70 е попрецизна и почувствителна на корозија од советскиот оригинал и од поголемиот број други копии. А, рокот на траење и беспрекорната работа на М70 (како и кај поголемиот дел огнено оружје) зависи од тоа како пушката се одржува.

Од Крагуевац во светот

Југословенскиот „калашников“ стана познат ширум светот – од Ирак до Мозамбик и Никарагва. Поради малите, но не и незначајни модернизации, тој е денес една од најценетите верзии на оригиналот, дури и во Ирак, каде се претвори и во снајперска пушка под името Табук.

Припадник на иракската полиција со автоматот М70АБ.

Пушката е користена во многу судири. Во војната во Југославија ја користеа сите завојувани страни. Во американската агресија на Ирак ја користеа ирачките сили, а подоцна пушката дојде во рацете на терористите во Африка, во либиската и во актуелната војна во Сирија.

Застава М70 под називот О-РАР исто така е достапна и на американскиот цивилен пазар и, судејќи според оцените и анализите на тамошните љубители на оружје, е исклучително популарна верзија на автоматот калашников.

Сомалијски војник со пушката М70.

Застава и денес произведува модернизирани верзии на автоматот М70, следејќи го на некој начин примерот на руската воена индустрија, која постојано го надградува и го усовршува прочуениот оригинал. Значи, ништо не упатува на тоа дека принципот на производство на автоматско оружје што го има осмислено Михаил Калашников во далечните четириесетти години од минатиот век, би можел набргу да застари.

Погледнете го видеото: Видео: Како работи автоматот „Калашников“?

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња