Европа ќе учествува во руските проекти за истражување на Месечината

Наука и технологија
RUSSIA BEYOND - МАКЕДОНИЈА

Европските земји ќе земат учество во руските истражувачки проекти на Месечината, соопшти за РИА „Новости“ Анатолиј Петрукович, директор на Институтот за космички истражувања при Руската академија на науки и член-кореспондент на Академијата.

„Не се работи само за учество на Европската вселенска агенција (ESA), туку и за развој на уреди на кои работат националните вселенски агенции на европските земји“, рече Петрукович.

Според зборовите на овој научник, европските држави ќе направат и ќе ѝ испорачаат на Русија околу десет научно-технолошки уреди кои ќе бидат монтирани на три руски лунарни возила: две станици-лендери под ознаките „Луна 25“ и „Луна 27“ и орбиталната конструкција „Луна 26“.

„Во моментов „Роскосмос“ и ESA преговараат за договорот за лунарна соработка. Во него ќе биде прецизирано каква улога ќе има ESA во наведените проекти“, рече тој.

Претходно директорот на „Роскосмос“ Дмитриј Рогозин на ТВ-каналот „Русија 24“ соопшти дека лансирањата на уредите „Луна 26“ и „Луна 27“ се одлагаат за 2023 и 2024 година. Пред тоа беше соопштено и дека лансирањето на првата руска лунарна станица во изминатите повеќе од 40 години под називот „Луна 25“ се одлага од 2019 за 2021 година.

Прочитајте повеќе: Руската академија на науки објасни зошто на Русија ѝ е неопходна база на Месечината