На Арктикот поставен радар со вештачка интелигенција: Неговиот опсег ќе надминува 1000 км

Наука и технологија
RUSSIA BEYOND - МАКЕДОНИЈА

Радарот „Резонанс-Н“ е наменет за откривање и следење на широк спектар воздушни објекти на големи далечини. Способен е прецизно да ги класифицира сите современи летечки објекти, вклучувајќи ги и оние кои имаат стелтни карактеристики, како и мини-беспилотни летала и летала кои се движат со хиперсонична брзина, пренесува порталот „Бог-рата“. 

Оперативните способности на радарскиот комплекс значително ги подобрува интеграцијата на фазната антенска решетка, каде локаторот преку системот за информирање во автоматски режим на работа разменува податоци со останатите радарски системи.  „Резонанс-Н“ е способен да открие цели на далечини преку 1000 км. На растојание до 600 км тој ги синтетизира комплетните информации за зафатените цели, неопходни за наведување и гаѓање со системите на ракетната ПВО со голем дострел. Претпоставката е дека во режимот на следење неговиот процесор може да обработи повеќе од 500 цели.

Специфичноста на овој комплекс е што нема карактеристична ротирачка антена. Скенирањето на просторот во круг од 360 степени се врши со помош на посебни електронски средства. На овој начин се зголемува параметарот на сигурност на целокупниот систем, се продолжува неговиот работен век и се намалува потрошувачката на неопходната енергија. Комплетната радарска станица е направена исклучиво со употреба на руска технологија. „Резонанс-Н“ е специјално наменет за користење во суровите арктички услови.

Според поранешниот началник на единиците за противвоздушна одбрана Александар Горков, основната задача за засилување на радарско-набљудувачката компонента на групата сили „Север“ е заштита на Северната флота и особено нејзините нуклеарни потенцијали кои се состојат од стратешки подморници. Покрај тоа, оваа група сили опремена со силни радарски системи ги затвора и воздушните коридори кои преку Арктикот навлегуваат во просторот на Централна Русија, Урал и Сибир.

Се истакнува дека новоформираните единици кои се додадени на состав на Арктичката група постепено ја обновуваат инфраструктурата која е затечена таму уште од времето на поранешниот СССР. Тогаш на овој простор беше распоредена 10 армија за ПВО. Меѓутоа, поради распадот на СССР, оваа армија беше распуштена последната деценија од минатиот век.

Прочитајте повеќе: Руските конструктори направија задхоризонтен радар „Сончоглед“ за Арктикот