Тенкот „Армата“ подготвен за финалниот тест: Завршени комплетните фабрички испитувања

Shutterstock
Од Министерството за одбрана на РФ нагласуваат дека основниот борбен тенк Т-14 спаѓа во тенковите од нова генерација кои немаат конкуренција во светски рамки. Тоа е фундаментално нова машина, која е во целост продукт на руската техничка мисла.

Рускиот основен борбен тенк од нова генерација Т-14 „Армата“ годинава ќе ја почне завршната програма на државни тестирања во научноистражувачките институти на Министерството за одбрана на РФ, соопшти во понеделникот информативната служба на министерството.

„Со цел понатамошно опремување на Копнената војска заврши развојната фаза на фабричкото тестирање на основниот борбен тенк Т-14, кој е интегриран на универзалната гасенична платформа „Армата“. Овој тенк наредната 2019 година ќе го почне процесот на државни тестирања во научноистражувачките институти кои се наоѓаат во состав на Министерството за одбрана“, се вели во извештајот што го пренесува интернет порталот Бог-рата.

Од Министерството за одбрана на РФ нагласуваат дека основниот борбен тенк Т-14 спаѓа во тенковите од нова генерација кои немаат конкуренција во светски рамки. Тоа е фундаментално нова машина, која е во целост продукт на руската техничка мисла.

Неодамна рускиот заменик-министер за одбрана Алексеј Криворучко изјави дека Министерството за одбрана на РФ потпишало договор со компанијата „Уралвагонзавод“ за набавка на 132 парчиња тенкови и борбени возила на пешадијата (се работи за тенкови Т-14 и тешки БМП Т-15) кои се направени врз база на платформата „Армата“. Процените се дека комплетниот договор ќе биде реализиран до крајот на 2021 година.

ОБТ Т-14 „Армата“ практично според сите карактеристики ги надминува сите тенкови кои сериски се произведуваат во Русија и во странство. Неговата главна борбена карактеристика е навистина високиот степен на заштита која се состои од пасивна и активна оклопна заштита која според својот квалитет нема во моментов пандан во светот, потоа одличната подвижност и проодност, како и големата огнена моќ.

Основното вооружување на тенкот е новата генерација на тенковски топ со калибар 125 мм, со перспективна муниција и дигитализиран систем за управување со огнот. Сите „работни“ места на кои се наоѓаат членовите на екипажот се покриени со видеокамери и останата сензорика. Исто така, при неговата изработка е користена технологија на редукција на топлотната и радарската рефлексија на тенкот, со што се добија високи „стелтни“ карактеристики.

Основната намена на овој тенк е зголемување на ударната моќ на оклопно-механизираните единици на руската војска, борба против тешкооклопни цели на непријателот, негови фортификациски елементи во состав на фронтот, како и утврдена жива сила.

Прочитајте повеќе за најновиот руски тенк Т-14 „Армата“: Сите карактеристики во еден графикон

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња