Видео: Проверени способностите на системот С-300 ПМ-2 „Фаворит“ против суперсоничниот ловец МиГ-31БМ

Слободан Ѓукиќ
Во Екетеринбург беше изведена ненајавена воена вежба во која руските ракеташи кои ги опслужуваат ПВО-системите со голем дострел им се спротивставија на ловци-пресретнувачи МиГ-31БМ.

Руските противвоздушни ракетни системи со голем дострел С-300 „Фаворит“ за време на воената вежба одржана во околината на градот Екатеринбург, ефикасно одбија напад кој го симулираа суперсонични ловци-пресретнувачи МиГ-31БМ, пренесува интернет-порталот РИА „Новости“.

На објавениот видеоматеријал на ТВ „Ѕвезда“ се гледа како системите за ПВО ги зафаќаат своите цели, а потоа ги „уништуваат“ со наведувани ракети од класата „земја-воздух“. Условен непријател симулираа два ловци-пресретнувачи МиГ-31БМ.

Ракетниот систем со голем дострел С-300 ПМ-2  „Фаворит“ ја здогледа светлината на денот во 1997 година. Претставува универзален самооден повеќеканален ракетен систем наменет за одбрана на најважните државни и воени објекти и позиции од масовен удар со современи и перспективни авиони, стратешки крстосувачки ракети, тактички и оперативно-тактички балистички ракети и други средства на воздушно оружје, во сите дијапазони и при сите брзини на нивниот лет. Системот ефикасно дејствува при интензивно противелектронско дејство кое создава активни и пасивни пречки. За него е конструирана и нова ракета мод. 48Н6Е2, која ја зголеми далечината на пресретнување на балистички ракети (до 40 км) и аеродинамични цели (до 200 км). Овој систем со веројатност од 98% може да пресретне и уништи цел еквивалентна на тактички ловец на далечина до 200 км, додека балистички ракети со иста веројатност пресретнува на далечини до 40 км. Притоа  максималната брзина на целта која се гаѓа е до 2800 м/сек.

Модернизираниот ловец-пресретнувач МиГ-31БМ (НАТО кодификација Foxhound) е наменет за пресретнување на воздушни цели на големи дистанци, кои според борбениот радиус се недостапни за класичните ловци. Борбените апарати од овој тип се способни да решаваат задачи во услови кои ги диктираат современите облици на управување со борбени дејствија, како што е мрежноцентричниот облик на комуникација со практично сите учесници во борба. МиГ-31БМ е опремен со радарска станица која има високосензитивна фазна антенска решетка (ФАР) „Заслон-М“ која може да стигне и далечина и до 320 км. Новиот напаѓачко-навигациски систем овозможува истовремено следење до 24 цели, од кои компјутерот или операторот ја бира групата најопасни цели и го наведува огнот врз нив. Еден Миг-31БМ сега може место четири истовремено да гаѓа и до осум различни цели. За овој авион е развиена и ракетата со голем дострел Р-37 која има оперативен дострел од над 300 км. Оваа ракета нема апсолутно никаква конкуренција во светот (американската ракета „воздух-воздух“ со најголем дострел AIM-47 „Falcon“ има максимален дострел од 210 км).

Прочитајте повеќе: С-300 – кошмар за генералите на НАТО

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња