Дали АвтоВАЗ планира производство на градскиот футуристички автомобил од втора генерација Zetta?

Наука и технологија
RUSSIA BEYOND - МАКЕДОНИЈА

На петтиот по ред меѓународен форум „Град на иднината. Толјати“ е претставен концептуалниот градски автомобил Zetta „СИТИ Модул-2“.

Изложената Zetta е втор прототип на овој урбан електричен автомобил наменет за луѓе со ограничени можности. Актуелната верзија во однос на претходната е посовремена и се одликува со оригинален футуристички дизајн. Колата е работена според стандардната технологија за мали серии, на рамката од челични цевки се закачени панели од плексиглас.

Овој градски автомобил го развија руски конструктори од Зеленоград и Толјати. Во суштина се работи за компактен градски автомобил на струја со четири мотори интегрирани во тркалата, осмислени од познатиот пронаоѓач Дмитриј Дујунов.

Сериското производство на овој новитет се очекува во 2021 година, меѓутоа, за реализација на проектот се потребни значителни вложувања. Постои голема можност Zetta да се склопува во халите на АвтоВАЗ во Толјати, бидејќи најголемиот руски производител на автомобили ја разгледува таквата можност, пишуваат руските медиуми.

Автомобилот е изграден на универзална платформа со литиум јонски батерии кои се наоѓаат под подот. Платформата има можност за скалирање и користење и за електроавтомобили со други големини. Максималната сила на моторите-тркала на Дујунов изнесува 18,1 киловат, а максималниот вртежен момент 200 Нм. Заедно електромоторите развиваат 72,4 киловати (98 КС) сила и 800 Нм вртежен момент. Со едно полнење на литиум јонските батерии со капацитет од десет киловати Zetta може да помине 200 километри.

Првите информации за овој автомобил на струја се појавија во октомври минатата година, а на пошироката јавност ѝ беше претставен во јули оваа година на изложбата „Иннопром 2018” во Екатеринбург. Возилото од првата генерација имаше чудни димензии и потсетуваше на количка за превоз на багаж на аеродром. Конструкторите го објаснија тоа со желбата да го прилагодат возилото за сите категории корисници, вклучувајќи ги и оние со посебни потреби. Масата на празниот автомобил Zetta, вклучувајќи ги и батериите изнесува 820 килограми, но со примена на планираната алуминиумска каросерија, масата би можела да биде намалена до 550 килограми, пишува РГ.

Погледнете ексклузивни фотографии од пикапот „Сталкер“: Произведен врз база на „Нива“ во само еден примерок