Амбалажа што се јаде: Руските научници од пире од јаболки направија садови за еднократна употреба

Global Look Press
Чашите можат да издржат дури и високи температури.

Научниците од Самарскиот државен технички универзитет патентираа три нови изуми. Тие смислија начин како од пире од овошје и зеленчук да направат материјал за пакување на храна и чинии за храна.

„Пред неколку години осмисливме нов режим на исхрана за космонаутите. Нашата задача беше да направиме пакување во кое храната може да се чува и грее, а потоа и да може да се изеде заедно со храната. Така настана идејата за јадлив материјал за пакување на храна”, изјави шефот на катедрата за технологии и организација на јавната исхрана на Самарскиот државен технички универзитет Надежда Макарова.

Научниците го прават материјалот за пакување на храна од природни состојки, без бои и конзерванси. Тие најпрвин прават пире од овошје или зеленчук. Потоа го мешаат со специјален пластификатор (супстанца која му дава еластичност и пластичност на полимерниот материјал). Потоа таа маса се суши на температура до 60 степени Целзиусови. 

Пронаоѓачите ја усовршија технологијата. Освен хартија за пакување на храната, тие успеаја од пире од јаболка да направат и материјали со двојна дебелина со додавање на натриум алгинат (додаток на храната познат под ознаката Е401, кој се користи во производството на мармалад, бонбони, желе, сокови, пивтии и мајонез). Следниот чекор беше изработка на јадлива амбалажа.

„За овој специјален вид „грнчарија“, најдобри се јаболката. Тие се повкусни, а и пирето од нив е мошне вискозно и пластично. Се добиваат толку цврсти чаши што во нив може да се сипи и зовриена вода“, објаснуваат научниците.

Ваквите садови, според пронаоѓачите, решаваат неколку проблеми. Како прво, тие се незаменливи за луѓето кои работат во поларни услови, за вработените на нафтени платформи во морето и за туристите. По употребата чашата може да се изеде или да се фрли. А ако се стави во вода, се раствора за 12 часа.

Научниците планираат во најблиска иднина да направат цела колекција на еднократни јадливи садови. Во моментов ваква чаша чини 30 до 40 рубли, но авторите на проектот имаат намера нивното производство да го направат поевтино.

Прочитајте повеќе: Руски научници од Самара патентираа уред за правење вода од воздух

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Повеќе возбудливи стории и видеа на Фејсбук страницата на Russia Beyond-Македонија
Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња