Најчудниот советски пиштол

Михаил Дегтјарјов/Магазин „КАЛАШНИКОВ“
Единствениот пиштол ВАГ-73 кој може да пука рафално, ја користеше првата челична советска муниција без гилза.

Советскиот самоук инженер Владимир Грсименко во 1973 година го има направено пиштолот ВАГ-73 со челични куршуми за кои не биле потребни гилзи со барут. За жал, овој пронајдок од неколку причини не можел да го замени легендарниот пиштол „Макаров“ кај силите за безбедност, но има направено значаен придонес за руската школа за производство на оружје.

Конструкцијата на пиштолот

Се чини дека овој малкупознат пиштол е пример на првата развојна иницијатива која потекнува од „мал“ човек од гигантскиот воено-индустриски комплекс. Претходно сите развојни нарачки за вооружување потекнувале „од врвот“. Станува збор за една личност без особено образование која тропнала на вратата на надлежните со својот необичен пронајдок.

Главната одлика на новото оружје, како што веќе споменавме, е неговата муниција: таа немала гилза со барутно полнење. Наместо тоа, конструкторот решил за речиси половина да ја намали масата на куршумот, па така за двапати ја зголемил каденцата (брзината на пукање) на пиштолот.

Наместо конвенционалните решенија, Герасименко решил пропелантот да го смести во мала шуплина на дното на челичниот куршум која е покриена со бакарен капак со согорлива каписла. Така принципот на функционирање на новата муниција личел малку на оној кај артилериската муниција.

„Благодарение на овие решенија, тоа бил еден од првите пиштоли во советската историја кој можел да пика со полни рафали. А, пневматската кочница на затворачот дополнително го намалувала тресењето при дејството, што резултирало со поголема прецизност“, вели за Russia Beyond-Македонија поранешниот воен аналитичар на весникот „Известија“ Дмитриј Сафонов.

Следуваат технички детали за сите љубители на оружјето: ВАГ-73 може да дејствува како со „pre-cocking“, така и со „self-cocking“ принцип. Кај вториов, притискањето на чкрапалото е моментално, без подигнување на полугата.

„Сиве овие решенија овозможиле зголемување на каденцата на оружјето. Денес обата принципа на дејствување станаа типични за пиштолите, но во раните седумдесетти години од минатиот век тоа било нешто како технолошки продор во советското производство на оружје“, забележува стручњакот.

Пиштолот исто така имал и (за своето време) голема рамка со по 24 куршуми распоредени во два реда. Така ВАГ-73 вкупно имал 48 куршуми. Куршумите од задниот магацин се пренесувале во предниот за време на работата.

Мани на оружјето

Доколку го споредиме со пиштолот „Макаров“ кој е во употреба во војската, во полицијата и во безбедносните агенции, ВАГ-73 имал шест пати повеќе муниција во својата рамка. Во рамката на „Макаров“ има само осум куршуми.

Но, ваквите можности резултирале и со определени мани. ВАГ-73 е 1.5 пат поголем и помасивен од „Макаров“. Новиот пиштол тежел 1.2 килограми, имал должина од 23 и висина од 13 сантиметри (поточно 235 и 135 милиметри). Едноставно кажано, дури и на доброобучен стрелец му било тешко да постигне прецизност и ефективност на огнот со толку габаритно оружје.

Освен тоа, производството на муниција без гилза било неколкупати поскапо од конвенционалното.

Нити конструкцијата на пиштолот ВАГ-73 не го поминала „тестот на Русија“. Оружјето „барало премногу“ и изискувало големо внимание при одржувањето – брзо се валкало, а процесот на расклопување, чистење и составување бил долг и многу барал (потребни биле и специјални алати за тоа).

Најголемо разочарување за војската, а и за самиот конструктор, било тоа што пиштолот се покажал како мошне несигурен и брзо потфрлил во споредба со „Макаров“.

Прочитајте повеќе за ТТ-30 и Макаров ПМ: Најдобри советски пиштоли

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња