„Калашников”: Прототип на бластерот на принцезата Леа во „Војна на ѕвездите“ е советскиот „Марголин”

Пиштол „Марголин”

Пиштол „Марголин”

Концерн „Калашников”
Деновиве во кината почнува прикажувањето на осмиот дел на „Војна на ѕвездите“. А дали знаевте дека во оригиналната трилогија принцезата Леа носи советски пиштол „Марголин”?

Експертите за стрелечко оружје утврдија дека прототип за бластерот на принцезата Леа од сагата „Војна на ѕвездите“ бил малокалибарскиот пиштол „Марголин”. Ова го соопшти прес-службата на концернот „Калашников” на својата официјална Фејсбук страница.

„Реквизитерите го избраа токму поради интересниот дизајн. Само овој пиштол изгледаше добро во малите дланки на Кери Фишер“, се наведува во соопштението на рускиот производител на оружје.

Бластерот на принцезата Леа, инаку, се појавува само во првите три филма на вселенската епопеја.

Од концернот истакнуваат дека ова уникатно оружје го создал единствениот на светот слеп конструктор на оружје Михаил Марголин. Тој го изгубил видот откако бил ранет во текот на Граѓанската војна 1924 година во борбата против Басмачите во Средна Азија. Тогаш имал само 18 години.

Меѓутоа, Михаил Марголин не паднал духом. Се преселил во Москва и почнал да предава воена доктрина на деца и младинци, а потоа да конструира оружје. Конструкциите на механизмите Марголин ги проучувал со допир. Во комуникацијата со проектантите и работниците користел модели и макети од пластелин, восок, дрво и пластика. За време на Втората светска војна се занимавал со подобрување на системот за ремонт на оружје од фронтот. По Победата го направил својот најпознат модел: пиштолот „Марголин МЦ“.

Пиштолот се произведуваше во Ижевскиот механички завод од 1948  до 1979 година.

Приказната вели дека идејата за конечната верзија на пиштолот му дошла на конструкторот додека се возел во трамвај. Марголин побрзал во фабриката, каде веднаш отишол кај најдобриот мајстор и почнал да го прави оружјето. Сериското производство на МЦМ почнува 1949 година. Механизмот на пиштолот и неговите технички карактеристики биле толку добри што тоа станува најдоброто спортско оружје кое се користи во почетната обука на стрелците. Од 1954 до 1974 година е користен на натпреварувањата на меѓународно ниво.

Пиштолот „Марголин” е со калибар 5,6 милиметри. Неговата маса со полна рамка изнесува 940 грама. Цевката е долга 152 милиметри. Рамката собира 10 куршуми. Ефективниот оперативен дострел на пиштолот е 25 метри.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња