Ќе прелета 2000 метри за една секунда: Русите развија нов хиперсоничен куршум

Илја Питалев/Sputnik
Руските снајперски пушки наскоро ќе добијат модели на муниција кои ќе летаат со хиперсонична брзина. Оваа муниција на устата на цевката ќе остварува почетна брзина од дури 2000 м/сек., која е еднаква на брзината на кинетичките проектили од тенковските топови.

Снајперистите морат да земат предвид многу фактори при гаѓањето: брзината и правецот на ветрот, атмосферските прилики, надморската висина и сл. Сите неопходни елементи мораат да бидат пресметани во многу тесен временски интервал, каде точноста на целата пресметка зависи од околината и растојанието до целта.

Како што пренесува интернет порталот Бог-рата, хиперсоничниот куршум сам по себе ќе реши некои од проблемите. Значително поголемата брзина на куршумот ќе ги минимизира сите негативни фактори кои се јавуваат при гаѓањето со стандардна муниција. Пред сѐ, метата нема да може да го избегне погодокот затоа што зрното во временска рамка помала од секунда поминува растојание од 1500 метри. Тоа значи дека метата ќе биде погодена во онаа положба во каква ја гледа снајперистот низ својата оптика во моментот на повлекување на чкрапалото.

Според информациите кои доаѓаат од развојните инженери, куршумот ќе ја напушти пушчената цевка со брзина која е пет пати поголема од брзината на звукот што ќе обезбеди „чист“ погодок на далечини од 1000 метри, без каква било корекција. Ваквата брзина на куршумот бара и ново експлозивно полнење кое ќе создава многу поголеми притисоци во цевката за разлика од стандардното барутно полнење. Според зборовите на конструкторите, вакви перформанси ќе обезбедат високоексплозивните детонирачки хемикалии со посебен состав.

Повеќе информации за технологијата на новата муниција и нивната цена засега не се достапни. Исто така, проблемот на тресокот и отскокнувањето на оружјето новиот куршум нема да ги реши. Покрај тоа, новата муниција побрзо ќе ги „троши“ цевките од стандардните куршуми.

Во секој случај, хиперсоничниот куршум нема во целост да ги замени стандардните типови на муниција. Тие ќе се применуваат во многу тешки, односно критични ситуации, на пример, во заложнички кризи, каде треба непогрешливо да се неутрализира метата.

Погледнете го видеото: Рускиот куршум „Комфорт” ги импресионира Американците

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Повеќе возбудливи стории и видеа на Фејсбук страницата на Russia Beyond-Македонија
Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња