Руски морнарички нуркачи направија рекордно нуркање на длабочина од 416 метри

Скриншот
Руската Воена морнарица демонстрираше способности за спасување на подморничари на големи длабочини.

На длабокиот поморски полигон во Јапонското море нуркачките специјалисти на Тихоокеанската флота, истражувачкиот институт (за спасувачки и подводни технологии) при ВНУЦ ВМФ (Школско-научниот центар на Воено-поморската флота) и одредот извидувачки нуркачи од спасувачкиот брод „Игор Белусов“ првпат во историјата на руската Воена морнарица нурнаа на длабочина од 416 метри и го допреа дното. Ова го соопшти Министерството за одбрана на Русија.

Како што се наведува во военото соопштение, нуркањето е извршено со метод на долг престој во барокомора, со примена на современиот комплекс за длабоки нуркања ГВК-450, сместен на бродот.

„Во текот на три дена нуркачите, под контрола на специјалистите, минуваа низ компресија во барокоморите, по што со помош на системот за нуркање се нурнаа на длабочина каде ги истражија подводните области и го забодеа државното знаме на Русија. Исто така, изведоа и вежба за поврзување на црева за снабдување со воздух со макета на оштетена подморница“, прецизираат од Министерството.

Тројцата нуркачи, кои го допреа дното на длабочина од 416 метри, веќе учествуваа во нуркањето на длабочина од 317 метри кое беше изведено од истиот брод на 30 октомври 2017 година.

„Нуркачите се чувствуваат добро и минуваат низ процес на декомпресија. Нивното излегување од барокомората е планирано за 18 ноември“, соопшти руското Министерство за одбрана.

EADaily потсетува дека спасувачкиот брод „Игор Белусов“ пристигна во Тихоокеанската флота во 2016 година. Опремен е со системот ГВК-450 за спасување на големи длабочини кој, според пресметките, им овозможува нуркање на нуркачите на длабочина од 450 метри и евакуација на подморничари со „спасувачка подморница“, по што се минува низ декомпресија во барокомори кои можат да примат по 60 подморничари.

Прочитајте повеќе: На днoто на Маријанскиот ров ќе биде поставено руско знаме

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња