Дали руската воена морнарица ја откри најголемата длабочина во Светскиот Океан?

Макета на автономен подводен апарат без екипаж

Макета на автономен подводен апарат без екипаж

Sputnik
Во Русија е направен автономен подводен апарат без екипаж кој функционира на длабочина од 14 километри. Тоа значи дека руските воени стручњаци-океанолози пронашле во светскиот океан длабочина поголема од Маријанскиот ров!

Еден од водечките научни центри кој, меѓу другото, се занимава и со длабински апарати, организираше редовна екскурзија за новинарите во просториите на центарот, пренесува rg.ru. Во таа прилика, беше објавено дека е направен споменатиот апарат и дека во текот на неговите тестирања му е извршен притисок еднаков на притисок во длабочина од 14000 метри. Малку е чудно што сѐ уште никој не обрнал внимание на таа сензација. И самите конструктори не се впуштаа многу во детали.

Океанологијата како голема наука успешно се развиваше во Советскиот Сојуз. Во нова Русија немаше пари за неа, така што практично престана да постои. Меѓутоа, руската Воена морнарица поради објективни причини продолжи да врши истражувања на големи длабочини. Во една редовна експедиција, сонарите на бродот за истражување детектираа исклучително голема длабочина. Треба да им се оддаде признание на руските воени експерти што не го „раструбија“ своето големо откритие. На крајот на краиштата, тоа можеше да биде и грешка во мерењето.

Донесена е одлука да се направи апарат без екипаж за спуштање на голема длабочина, кој може да издржи притисок далеку поголем од оној во Маријанскиот Ров. Апаратот е веќе подготвен за првата мисија. Ако се потврди откриената длабочина, тоа ќе биде голема светска сензација. А ако не се потврдени, тогаш овој апарат ќе биде од голема корист во Маријанскиот Ров, кој ќе го проучи надолж и попреку. Конструкторите тврдат дека овој апарат не е многу тешко да се усоврши за да може да има екипаж. Тоа ќе биде успех што може да се спореди со пилотирани летови во далечната вселена.

Интересна е историјата на потрагата по најдлабокото место на Земјата. Во 1875 година, англиските морнари со помош на обична сонда измериле длабочина од 8367 метри на подрачјето на Маријанскиот ров во Тихиот океан. Руски истражувачи пронајдоа ровот подлабок од 11000 метри, а пред 60 години (1957), за време на 25-та пловидба на советскиот научноистражувачки брод „Витез“, беше откриена најголемата длабочина од 11022 метри. Чудно е што никој не се сети на овој јубилеен датум на епохалното откритие на руските океанолози.

Подоцнежните истражувања на странските океанолози прецизираа дека тоа е всушност длабочина од 10994 метри, но сепак сите се согласуваат дека во овие мерења може да има отстапувања до 50 метри. Сега може да се очекува нова научна сензација. Патем, на длабочина од 14 километри, притисокот е речиси 1400 пати поголем од нормалниот атмосферски притисок. Материјалот направен според руската технологија може да го издржи тоа оптоварување.

Првите луѓе се спуштија на дното на Маријанскиот ров на 23 јануари 1960 година. Тие беа поручникот на воената морнарица на САД Дон Волш и швајцарскиот океанолог Жак Пикар. Тие во батискафот „Трст“ се спуштија на длабочина од 10918 метри.

На 26 март 2012 година филмскиот режисер Џејмс Камерон финансираше и организираше спуштање до најголемата длабочина и на тој начин стана третиот човек во историјата кој се спуштил во Маријанскиот Ров и првиот што го направил тоа како единствен член на екипажот.

Со какви подводни роботи располага руската Воена морнарица, можете да прочитате во Роботите од дното на океанот.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња