Дополнителна заштита за „Армата“: Во Москва претставен нов модуларен миночистач

Илја Максимов/РГ

Најновиот инженериски додаток ќе ги направи тенковите и тешките оклопни возила врз база на платформата „Армата“ уште поотпорни.

На 22 меѓународен саем на вооружување „Интерполитех 2018“ Воениот школско-научен центар на копнените сили на Општовоената академија на Вооружените сили на Руската Федерација (поранешната Воена академија „Фрунзе“) претстави модуларен миночистач со унапредени карактеристики.

Како пронаоѓач на направата, потполковникот Денис Рослов изјави дека овој чистач би требало да им овозможи висока мобилност на трупите. Неговата задача е да чисти мини од различен тип, вклучувајќи ги и оние кои се активираат далечински.

Со својата маса од 950 килограма, овој уред создава појас на чистење со ширина од 4 метри. Притоа брзината на возило со овој додаток достигнува 25 км/ч.

Монтирањето на борбено возило трае 30 минути, а доволни се само 15 секунди системот да се постави во борбена позиција.

Чистачот се состои од механизам за суспензија, потпорна рамка со дводелна конфигурација со подвижни секции и одвоив механизам со девет пружини. Тука е и електромагнетниот уред кој ги активира мините пред себе.

Во моментов експерименталниот примерок за континуирано чистење е во фаза на испитување.

Се разбира, покрај тоа што може да се монтира на возила на платформата „Армата“, оваа инженериска направа лесно може да се додаде и на БТР-82А, БМП-3, Т-72Б3, „Тигр-М“, „Тајфун“ и „Панцир-С1“, како и на перспективните возила: „Бумеранг“, „Курганец-25“, „Коалиција-СВ“ и разни роботизирани комплекси.

Прочитајте повеќе: Екипаж на американски „Абрамс“ го оцени „Армата“

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња