Универзалната двонаменска автоматска пушка влегува во вооружувањето на руската армија. Веќе ги добивме првите налози за започнување на нејзино производство. Ова за информативниот интернет портал Вести.Ру го пренесе претставникот на Централното развојно-конструкторско биро за спортско и ловечко оружје Николај Комаров на саемот „Интерполитех-2018“.
Пушката е конструирана од познатата руска компанија КБ „Приборостроенија“ (АО „КБП“), која се наоѓа во градот Тула. За разликата од досегашното оружје кое го користеа специјалните нуркачки единици, АДС е конструирана за муниција која е подеднакво ефикасна во борбени дејствија како под вода, така и над неа. Новата муниција ПСП за автоматот АДС има калибар 5,45 милиметри. Конструкторите при дизајнирањето на подводниот ПСП куршум на специјален начин го обработија неговиот врв, така што во движењето под вода околу себе создава своевидно воздушно перниче исполнето со пареа (во стручната терминологија тоа се нарекува „кавитација“). Куршумот во воздушното перниче се движи со голема брзина и со голема прецизност се држи до насочената траекторија.
Истовремено новата муниција ги задржа борбените карактеристики во гаѓањето над вода, а според масата и габаритите е идентична со муницијата на најмодерниот руски автомат АК-12. Покрај тоа, на оружјето е монтиран 40-милиметарски потцевен лансер на гранати кој може да истрелува различни модификации на гранатата ВОГ-25.
Уште една предност на новата автоматска пушка е нејзината компактност. Тулските оружари ја конструираа пушката според шемата bullpup (рамката над оружјето се наоѓа зад чкрапалото). Самата манипулација при менувањето на рамката е едноставна и прилагодена за сите стрелци, без оглед дали се деснаци или леваци.
Како што рековме, се работи за многу компактно оружје кое нема преголеми габарити. Пушката со сите додатоци е долга 68,5 сантиметри, а нејзината маса изнесува 4,6 килограми. Ако се спореди со основната автоматска пушка АК-74М таа е пократка за речиси 30 см. Притоа ефективниот дострел на двете пушки е практично ист и со поединечна стрелба достигнува 500 метри. Што се однесува до ефективниот дострел на автоматската пушка АДС во подводни услови, засега не постои официјален податок кој може да се земе за релевантен. Според неофицијалните информации, куршумот истрелан од оваа пушка поседува убојна сила на далечини до 25 метри, што во подводни услови е многу добар показател.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче