Каков е всушност авионот Ил-20 кој е изгубен во Сирија?

Наука и технологија
НИКОЛАЈ ЛИТОВКИН
Руски извидувачки авион Ил-20 се урна во Сирија со 15 члена на екипажот. Каков е овој авион и какви задачи вршеше?

Извидувачкиот авион Ил-20 исчезна од радарите на руските вооружени сили во Сирија ноќта на 18 септември. Руската војска тврди дека леталото по грешка го соборила сириската ПВО која дејствувала по израелските ловци F-16 кои биле во борбена мисија над Сирија и кои се „криеле“ зад рускиот авион.

Ил-20

Станува збор за турбопропелер од средината на седумдесеттите години од минатиот век на кој по модернизацијата е монтиран современ систем за радарско-електронски дејства.

Едноставно кажано, овој авион служи како своевиден локатор кој детектира цели на земјата и во воздух, пресретнува комуникации меѓу непријателските пилоти и војници и може, по избор, да ги „исклучи“ противничките комуникации за емитирање со силни сигнали за попречување.

„Новата опрема (на Ил-20) овозможува надзор, па дури и 'заслепување' на авионите од типот AWACS, значи летала кои служат како радарски платформи со далечен дострел“, изјави за Russia Beyond-Македонија извор од воено-индустрискиот комплекс.

Според конструкторот, модернизираната верзија на Ил-20 исто така може да направи „електромагнетен штит“ за одбрана од слични системи за електронско војување од противничкиот арсенал.

„Пред вклучувањето на системот за електронско попречување, авионот ги скенира радиосигналите во реонот на дејствување за да детектира фреквенции што ги користат непријателските авиони, а потоа оператерите ги попречуваат фреквенциите во даден дијапазон“, објаснува соговорникот на Russia Beyond-Македонија.

Сите информации што ќе ги собере авионот може да ги пренесе во онлајн-режим на командните центри од кои, по потреба, се насочуваат ракетни и воздухопловни средства. Благодарение на добрата аеродинамика и на унапредените мотори, авионот може непрекинато да лета 12 часа.

Израел ја отфрли верзијата на руското Министерство за одбрана за несреќата на Ил-20 во Сирија.