Во рамките на стратешката воена вежба „Восток-2018“ ќе бидат употребени најнови електронски системи за борба против беспилотни летала. Ова го соопшти официјалниот сајт на руското Министерство за одбрана, а пренесе новинската агенција РГ.
Системите за противелектронска борба (скр. ПЕБ) „Силок“ и „Жител“ имаат способност во радиус од 360 степени да го контролираат воздушниот простор над главните позиции во распоредот на војската кои ги штитат командните пунктови и другите важни воени објекти од напади на непријателски дронови.
„Системите за ПЕБ „Силок“ и „Жител“ оваа година влегоа во оперативното вооружување на единиците за противелектронска борба на Централниот воен округ и првпат се употребуваат во воени маневри“, истакна извор од Министерството за одбрана на РФ.
Системот за противелектронска борба „Силок“ автоматски го пребарува воздушниот простор и открива беспилотни летала, одредувајќи ги нивните точни координати. „Силок“ има способност да генерира електронски пречки кои зафаќаат широк дијапазон во радио-фреквенцискиот спектар. Тој е способен да ја детектира и неутрализира извидувачката опрема што ја носи дронот на голема висина и во различен фреквенциски опсег.
Станицата за електронско попречување „Жител“ може да го блокира примопредавањето на податоците меѓу беспилотното летало и другите електронски уреди во радиус од 50 км. Апаратурата автоматски го пронаоѓа изворот на сигналот и во зависност од неговиот вид го бира оптималниот начин за попречување и го блокира предавањето на податоците. Под удар на овие пречки не се само каналите преку кои се предаваат информациите собрани по извидувачки пат, туку и управувачките сигнали преку кои се управува со дронот, кои по успешната опструкција го прекинуваат секој облик на врска со операторот и паѓаат на земја.
„Двата система успешно се покажаа во Сирија“, се наведува во кратката информација што ја објави руското Министерство за одбрана.