Рускиот воздушно-космички одбранбен концерн „Алмаз-Антеј“ планира да достави најсовремени производи на три сириски аеродроми, а испораките би можеле да почнат веќе наредната година, изјави заменик-генералниот директор на „Алмаз-Антеј“ Александар Ведров за РИА „Новости“.
„Ова пред сѐ се однесува на аеродромите во Дамаск, Латакија и Алепо. На тие три, а што се однесува до останатите, ќе зависи од степенот на нивното ослободување“, изјави тој на 60 меѓународен саем во Дамаск. Според него, во план е да се постави „цела палета разни уреди кои на полето на модерната опрема се користат за безбеден воздушен сообраќај“, што подразбира радари, метеоролошки системи и системи за управување со воздушниот сообраќај.
Годинава, наведува Ведров, компанијата планира да го заврши „испитувањето на териториите на аеродромите за да ги разбере“ размерите на неопходната опрема чие монтирање би можело да почне веќе наредната година.
Освен тоа, заменик-генералниот директор на „Алмаз-Антеј“ истакна дека компанијата преговара со Радио-телевизија Сирија за продажба на системи за дигитална телевизија, а кои ги произведува компанијата.
Претходно беше соопштено дека „Алмаз-Антеј“ учествува на 60 меѓународен саем во Дамаск што се одржува во сирискиот главен град од 6 до 15 септември. Како што извести прес-службата на компанијата, специјалистите на концернот планираат во текот на саемот да одржат низа преговори со претставници на министерството за транспорт, администрацијата на цивилната авијација, министерството за економија и трговија со странство, министерството за здравство и министерството за комуникации и технологии на Сирија.
Концернот на јавното акционерско друштво „Алмаз-Антеј“ е еден од најголемите интегрирани субјекти на рускиот воено-индустриски комплекс. Се состои од преку 60 фабрики, научни и производствени асоцијацији, бироа за развој и истражувачки институти и вработува преку 130 илјади луѓе. Производите на концернот се користат во повеќе од 50 држави ширум светот.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче