Во првата половина на минатиот век Александар Флеминг направи револуција во медицината откривајќи го првиот познат антибиотик - пеницилинот. Меѓутоа, децениите на неконтролирана примена на лекови доведоа до тоа секоја година сѐ почесто да се појавуваат култури на опасни бактерии отпорни на стандардните препарати.
Затоа научниците се принудени да бараат нови природни хемиски соединенија кои се во состојба да ги убиваат патогените микроорганизми. Во текот на новото истражување стручњаци од Русија и САД во плунката на сибирската кафена мечка открија супстанца која ја штити од стафилококи, смртоносна бактерија која предизвикува широк спектар од инфекции на рани до запаление на белите дробови и менингитис.
Сибирската кафена мечка е инаку подвид на кафената мечка која го населува поголемиот дел од Сибир источно од Енисеј, како и територијата на Монголија и Кина. Најголемиот дел од исхраната на ова животно го сочинува растителна храна, што не ја спречува повремено да лови ирваси, лосови или риба.
Тим научници под раководство на академик Александар Габибов од Институтот за биоорганска хемија на Руската академија на науки и добитникот на Нобеловата награда Сидни Алтман од Универзитетот „Јејл“ реши да ѕирне во устата на господарот на тајгата не од чисто љубопитство, туку во рамките на големиот проект за проучување на микроби од многу видови диви животни. Принудните учесници во експериментот се фатени во сибирската тајга, по што им се земени примероци на плунката за лабораториска анализа.
Како што се наведува во соопштението за медиуми на Институтот за биоорганска хемија на Руската академија на науки, користејќи иновативни технологии на анализа на микробни заедници и методи на синтетичка биологија, научниците меѓу бактериите во усната шуплина на мечката пронашле ретка популација на високоактивни микроорганизми од видот Bacillus pumilus, кои го произведуваат антибиотикот амикумацин. Понатамошната анализа покажа дека оваа супстанца ефикасно го елиминира предизвикувачот на заболувањето кај човекот под името златна стафилокока (Staphylococcus aureus).
Откривањето на новиот природен антибиотик е посебно значајно, затоа што стафилококите често развиваат отпорност на медицински препарати. Резултатите од истражувањето, објавени во магазинот PNAS, не само што отвораат пат кон нови методи на лекување на цела низа заболувања, туку исто така ќе им помогнат на научниците подобро да ги разбираат патиштата на развој на резистентност на антибиотици и методите на делување на лекот врз клетките на бактериите.
Претходно други групи истражувачи веќе соопштија дека се откриени ефикасни антибиотици во најразлични природни извори, на пример, во желудникот на човекот и под неговиот нос, како и во жлездите на ѕвечарките и на површината на телата на мравките.