Во текот на изминатите четири години група истражувачи ги проучуваше карбонските и силиконските наночестички од кои се прави пластиката. Овие материјали се исклучително штетни за морскиот живот, вели професорот Кирил Голохваст од Далекуисточниот федерален универзитет во Русија.
„Веќе имаме податоци за влијанието на овие елементи врз растителниот и животинскиот свет на копното, но не постои систематска студија за потенцијалната штета која тие ја причинуваат во морињата“, вели Голохваст. „Меѓутоа, дури 80% од пластиката и композитните материјали завршуваат во океанот, каде што е потребно неколку стотини години да бидат разградени“.
Опасните карбонски и силиконски наночестички се користат за унапредување на разновидноста на пластичните материјали, на пример, кај нафтоводите и големиот број на секојдневни предмети, како што е облеката. Тие заедно со пластиката одат во морињата.
Овие опасни елементи, според Голохваст, во водата доаѓаат од урбаните области и често доаѓаат од автомобилите, заварувањата и галванизацијата. Дел од овие елементи, меѓутоа, доаѓаат директно во океанот од воздухот.
„Количината на опасните микрочестички е во постојан пораст“, вели Голохваст. „Тие се направени од синтетика, метал, пластика и саѓи, кои во природата не постојат. Колку се честичките поситни, толку се поштетни и потоксични. Ако денес не собираме податоци за сѐ поголемената опасност и ако не размислуваме за методите како да го отстраниме тоа, наскоро ќе биде предоцна“.
Научниците за своето истражување одбраа интересен објект по име Heterosigma akashiwo, едноклеточна морска алга од Заливот на Петар Велики во Јапонското Море. Овој вид фитопланктон е широко застапен на Далечниот Исток. Се смета дека тоа е природен „прочистувач“ на водата. Покрај тоа, клетките на оваа микроалга имаат тенок клеточен ѕид, што значи дека се почувствителни на она што се случува во околината.
Концентрацијата на пластични наночестички од 100 милиграми на литар вода предизвикува изумирање на алгите. Акутно труење беше забележано на третиот ден од експериментот, а до хронична интоксикација дојде на седмиот ден.
Истражувачите веруваат дека наноцевките ги оштетуваат клеточните мембрани и на тој начин доведуваат до нивно изумирање. Покрај тоа, нанофиберите, поради компонентата на никел што ја содржат, предизвикуваат трајна деформација на микроалгите.
Научниците во моментов располагаат со прецизни податоци за влијанието врз микроалгите, како и врз морските ежови и мекотелите. Во соработка со индиски експерти, руските истражувачи спроведоа и експерименти врз риби.
Сега планираат да создадат модел на влијанието на опасните микрочестички врз флората и фауната во океаните. Нивна цел е да откријат бактерија или габа што може да помогне во отстранувањето на штетните влијанија.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче