Шест советски амфибиски возила: Од копии на американски модели до оригинални проекти

Архива на НИИЦ АТ
Возила што се движат и на копно и по вода порано беа дел од визијата за иднината на СССР, така што беа создадени многу необични модели. Меѓутоа, некои од овие идеи никогаш не заживеаја.

1. ГАЗ-46 МАВ

МАВ е кратенка за „мало пловечко возило“. Имаше мотор на еден од најпознатите советски автомобили, „Победа”, кој се произведуваше во СССР непосредно по Втората светска војна.

Ова амфибиско возило наводно беше копија на американскиот модел Ford GPA. Сличноста меѓу нив е очигледна. ГАЗ-46 се произведуваше од 1953 до 1958 година, а беше наменет за превоз на војници и извршување на различни воени задачи на вода. Беше навистина мало и во него можеа да се сместат 5 лица.

2. БАВ- 485

На СССР му беа потребни и големи амфибиски возила, така што конструкторите го направија моделот БАВ, „големо пловечко возило”.

И БАВ беше заснован на американски прототип, на амфибискиот камион DUCW-353. СССР во текот на Втората светска војна доби стотици вакви возила во рамките на програмата за сојузничка помош.

Советската верзија можеше да превезува 28 лица или 2,5 тони товар. Се произведуваше до почетокот на 60-те, но и наредните две децении интензивно се користеше во земјите на Источниот блок и на Блискиот Исток.

3. ПТС

На почетокот на 60-те СССР почна со реализација на нов проект, овој пат се работеше за потполно оригинално возило. Го доби називот ПТС, и тоа беше амфибиско транспортно возило со средна големина. Беше претходник на сите идни амфибиски транспортери, а најновите модификации на овој проект сѐ уште ги користи руската војска.

Првото возило беше претставено 1965 година. Можеше да носи двојно повеќе товар од БАВ: пет тони. За разлика од својот претходник, имаше гасеници и можеше да се движи на подрачја кои биле изложени на радијација или дејство на биохемиско оружје.

4. ВАЗ-Э „Река”

Најпознатиот советски теренец „Нова“ успеа да ги шармира дури и строгите високи официјални лица од Министерството за одбрана, кои наредија да се направи амфибиска верзија на возилото. Таа е конструирана 1976 година, но беше потребно да помине уште една деценија за фабриката ВАЗ да го реши прашањето на системот за ладење на моторот.

Вкупно беа произведени 21 возило, но тие не ги задоволија очекувањата на советската војска. Перестројката на Горбачов го докрајчи проектот и концептот на пловечка „Нива“ беше заборавен.

5. ЛуАЗ-967

Ова возило е исто така конструирано за Воздушно-десантните сили за евакуирање на ранети војници од боиштето и снабдување со мунициј. Можеше да се вози во полулежечка положба,

ЛуАЗ беше доволно лесно возило за да може да се транспортира со авион, но затоа неговата носивост беше намалена на околу 400 килограми. За разлика од амфибиската „Нива“, ова возило во 60-те и 70-те години беше во масовно производство.

6. УАЗ 3907 „Јагуар”

Фабриката за автомобили УАЗ во Улјановск (900 километри источно од Москва) произведуваше возила кои порано беа популарни во СССР. Кон крајот на 70-те години почна проектот на лесно амфибиско возило за војската и граничните патроли. Требаше да има носивост до 600 килограми. Проектот беше завршен на почетокот на 80-те.  

До 1989 година УАЗ произведе 14 „Јагуари”. Моделот можеше лесно да маневрира во вода, достигнуваше брзина до 100 километри на час, а можеше дури и да поднесе ударен бран на нуклеарна експлозија. Конструкторите тврдеа дека ниедна војска на светот не поседува такво возило. Две години беа потребни војскат да го тестира и одобри, но тогаш Советскиот Сојуз се распадна и проектот, како и многу во тоа време, заврши во корпата за отпадоци.

Прочитајте повеќе: Десет возила со кои Русија го освојува Арктикот

 

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња