Русите претставија проект на лесен носач на авиони кој би можел да го здогледа морето пред „Шторм“

Михаил Жердев
Новиот проект според процените би чинел двојно помалку од проектот „Шторм“. Бродот би имал вкупен депласман од околу 44000 тони, а неговата палуба би можела да собере до 46 борбени апарати. Вкупното време за негова изработка (конструкторска документација + изградба) би траело 8-9 година

Криловскиот научен центар разви проект за извозна верзија на лесен носач на авиони кој би можел да биде интересен и за руската Воена морнарица. Ваква информација на новинарите на ТАСС им пренесе извор од оваа компанија. Концептот на лесен носач на авиони е претставен и со макета која е изложена на штандот на компанијата која учествува на големиот меѓународен воено-технички саем „Армија-2018“ што се одржува од 21-26 август 2018 година.

 „Главната наша насоченост е проектирање на лесен носач на авиони за странски воени партнери, но не исклучуваме ни појава на интерес од страна на нашите вооружени сили“, истакна соговорникот кој го претставуваше Криловскиот научен институт.

Според него, вкупната цена за изработка на ваков брод во однос на перспективниот носач на авиони од класата „Шторм“ ќе биде двојно помала. Истовремено, квалитативниот состав на авионите кои можат да станат дел од лесниот носач на авиони воопшто нема да се разликуваат од леталата кои ќе бидат во состав на тешкиот носач на авиони „Шторм“. Бродовите од оваа класа можат да се градат во погоните на компанијата „Севмаш“, во керченскиот завод „Залив“ и Балтичкиот завод.

Во случај на потпишување на прелиминарен договор со потенцијален нарачател, би се почнало со изработка на конструкторска документација која би траела најмалку две години. По изработката на конструкторската документација, би се почнало со практична реализација, поточно изградба на лесниот носач на авиони која би траела 6-7 години. Значи, доколку таков договор би се потпишал денес, рамковниот период кога овој тип на брод би можел да се најде во вода е втората половина на 2026 година.

Се претпоставува дека овој носач на авиони би имал вкупен депласман од околу 44000 тони, на кој би можеле да се сместат три до четири ескадрили морнарички борбени авиони (околу 46 апарати). Главен погон на бродот би биле гасно-турбински мотори со голема излезна сила.

Постојниот носач на авиони што се наоѓа во состав на руската Воена морнарица „Адмирал Кузнецов“ има депласман од околу 60000 тони и може да носи до 50 авиони и хеликоптери на својата палуба.

Прочитајте повеќе: Зошто Русија прави најголем носач на авиони на светот?

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња