Макета на носачот на авиони од проектот 23000Е на изложбата „Армија 2015“
Артем ТкаченкоНовиот носач на авиони „Шторм“ ќе биде предвиден со следната програма за вооружување за периодот од 2019-2025 година. Воената морнарица ќе почне да го користи до 2030 година, а експертите велат дека потенцијалното место на базирање на новиот носач на авиони е базата во Североморск.
Потребата за изградба на овој брод стана очигледна за време на сириската воена кампања. Русија на брегот на Сирија испрати група бродови на чело со носачот на авиони „Адмирал Кузнецов“, но овој брод веќе застарува зашто е направен пред 30 години и му истекува работниот век.
„На палубата на 'Адмирал Кузнецов' имаше триесеттина авиони, а на секој американски носач има речиси 90. За авионот да полета од рускиот носач потребни се неколку минути, а од американскиот за една минута полетуваат три авиони. Освен тоа, постојат многу задачи кои рускиот брод денес не може да ги изврши, што значи дека е потребен нов современ носач на авиони“, вели за „Руска реч на македонски“ извор во военоиндустрискиот сектор.
Во денешните геополитички услови неопходно е Русија со цел сопствена заштита од потенцијалните агресори да биде присутна во светскиот океан, сметаат експертите. „Носачот на авион е објект со концентрирана сила која може да се поместува низ светот и да им ги диктира условите на другите. Секако, за Американците еден наш носач на авиони не значи ништо, зашто тие имаа 19 носачи. Ние ќе имаме само еден, или најмногу два, но сепак тоа е сила што не може да се игнорира“, вели изворот на „Руска реч на македонски“.
Според своите параметри рускиот брод е сличен на американскиот носач на авиони „Џералд Р. Форд“, смета професорот на Академијата за воени науки Вадим Козјулин.
„Шторм“, исто како и „Американецот“, според нацртите има слободна палуба, односно нема ракетно и артилериско вооружување како советско-рускиот носач на авиони „Адмирал Кузнецов“.
„Тоа ќе биде пловечки аеродром кој го следи цела ескадра“, вели Козјулин.
Палубата за полетување ќе има површина од околу 14.000 квадратни метри, односно ќе биде голема колку два фудбалски терени. На палубата ќе има четири писти со различна должина за фаќање залет, а системот за полетување ќе биде комбинација на парен катапулт и закривена писта во вид на скокалница.
Како што нагласува Козјулин, „Шторм“ нема да има вооружување и затоа ќе го чуваат десетина бродови – фрегати, торпедни бродови, крстосувачи и подморници.
Двата мотори на нуклеарен погон РИТМ-200 ќе му овозможат на „Шторм“ да развие брзина од 30 јазли (30 милји на час, односно 55 километри на час). Вкупниот депласман ќе изнесува 100 илјади тони, а задниот дел 11 метри. Посадата ќе брои 4.000 членови.
И покрај убавиот и амбициозен нацрт, стручњаците од руската воена индустрија допрва треба да решат низа задачи пред носачот на авиони да биде готов.
Основата на палубната авијација на „Шторм“ ја сочинуваат ловците МиГ-29К и поморската верзија на авионот од петтата генерација Т-50, смета Козјулин. Миговите се веќе во арсеналот на воздухопловството и веќе се тестирани во Сирија, додека машините од новата генерација Т-50 се во фаза на доработка, а бродската верзија засега е во нацрт.
„Освен тоа, за носачот на авиони 'Шторм' ќе биде потребна и соодветна инфраструктура. За таков брод треба да се изгради специјално пристаниште, а треба да се осигури и неговата безбедност додека е укотвен, и тоа во сите правци – на земја, на вода и во воздух. Тоа значи дека на местото на неговото базирање можат да се појават дополнителни единици за ПВО и крајбрежни стражи“, вели за „Руска реч на македонски“ Владимир Евсеев, воен експерт и заменик-директор на Институтот за проучување на земјите од Заедницата на независни држави.
Според експертите, носачот на авиони „Шторм“ ќе ја чини државата помеѓу 350 милијарди и еден билион рубли (од 6.15 милијарди до 17.5 милијарди американски долари), во зависност од опремата што ќе ја има бродот.
„Со оглед на тоа дека за бродот треба да се обезбедат 90 палубни ловци и потребна инфраструктура, трошоците можат да бидат двократно зголемени“, додава Евсеев.
Поради толку високата цена и економските санкции многумина експерти се скептични кон изјавата дека бродот ќе биде изграден во варијантата што беше првобитно замислена. Меѓу нив е и Владимир Пепељаев, еден од творците на првиот модел на нов носач на авиони. Во врска со тоа конструкторите веќе започнале да работат на конструирање брод кој ќе биде еквивалент на „Шторм“ и ќе има иста борбена моќ, но помали габарити.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче